На Кејт Мидлтон, принцезата од Велс, и бил дијагностициран рак и е на хемотерапија, откри таа во видео порака објавена денеска на социјалните мрежи, два месеца откако беше подложена на „голема“ операција на абдоменот.
Типот на рак не е откриен. Таа започнала со хемотерапија кон крајот на февруари.
„Ова, се разбира, дојде како огромен шок, а Вилијам и јас правиме се што можеме за да поминеме низ ова приватно за доброто на нашето младо семејство. Како што можете да замислите, за ова беше потребно време“, вели Кејт.
Ракот е откриен на постоперативните тестови по мојата абдоминална операција во средината на јануари, додава таа.
A message from Catherine, The Princess of Wales pic.twitter.com/5LQT1qGarK
— The Prince and Princess of Wales (@KensingtonRoyal) March 22, 2024
„Операцијата беше успешна. Меѓутоа, тестовите по операцијата покажаа дека има рак. Затоа мојот медицински тим ме советуваше да преминам на превентивна хемотерапија и сега сум во раните фази на тој третман“, истакнува Кејт.
За време на операцијата, палатата Кенсингтон рече дека нејзината состојба не е канцерогена. Оттогаш, палатата дава малку информации за нејзината состојба.
Кејт ќе се врати на службените должности кога ќе биде ослободена од медицинскиот тим.
Свекорот на Кејт, кралот Чарлс Трети, исто така е на третман од неоткриен тип на рак. Дијагнозата на ракот на кралот, која дојде откако тој беше лекуван од бенигно зголемување на простатата, беше објавена јавно од палатата на 5 февруари.