Примерните затвореници од Шутка ја гледаа претставата „Нешто пропуштаме“

by fokus

На примерните затвореници кои одлежуваат затворска казна во КПУ Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари синоќа им беше овозможено да ја гледаат претставата „Нешто пропуштаме“ во Театар Комедија. Како што велат од Министерството за култура со ова започна реализирањето на активностите од меморандумот за соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и КПУ Затвор „Скопје“.

Со овој меморандум, додаваат од таму, културата и уметноста ќе бидат ставени во функција на едукацијата и ресоцијализацијата и ќе се приближуваат до деликатна и маргинализирана категорија на граѓани.

„Соработката предвидува посети на културно – уметнички настани за примерните осуденици, збогатување на библиотеките, работилници и настани во самата установа со осудениците и со гости – уметници“, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека освен остварување на заложбите на културните политики на Владата на РМ и Министерството за култура за еднаков пристап до културата за сите граѓани, со оваа акција се адресираат и препораките на Комитетот за спречување на тортура (ЦПТ) на Советот на Европа, кои години наназад упатуваат на отсуство на какви било активности за едукација и ресоцијализација на осудениците во македонските затвори.

Поврзани новости