Прилепскиот адвокат Жарко Стефаноски најави дека повеќе нема да биде активен во матичниот комитет на СДСМ во Прилеп поради, како што вели, недостиг на можност за напредување во партиската хиерархија и на волја за соработка и имплементација на нови стратегии.
„И покрај преземањето на локалната власт на последните локални избори, ОО на СДСМ Прилеп воопшто не покажа интерес за имплементирање на нови политички активности кои доликуваат на политики на партија на власт, кое нешто се потврди и од изборните резултати на последните претседателски избори. Активностите и политиките на огранокот би требало да бидат рефлексија на генералните политики на партијата, но со оглед на актуелните политички случувања и политички резултати на локално ниво не е случај. Поради погоре наведените причини сметам дека мојот партиски ангажман до денес, освен што е злоупотребен заради исполнување на лични цели на поединци и групи кои егзистираат низ внатрепартиските органи на огранокот, воопшто не е искористен заради реално имплементирање на генералните цели и политики на партијата“, објаснува Стефаноски.
Инаку, тој се споменуваше како еден од можните кандидати на СДСМ за градоначалник на Прилеп, но и како еден од претендентите за нов претседател на прилепскиот огранок на партијата во рамки на „метлата“ што ја најави премиерот Зоран Заев, но не ја доби довербата од партијата.