Прилеп денеска со рекордни 38 заразени, во градот има вкупно 237 случаи на корона
Прилеп денеска бележи највисока бројка на заразени од почетокот на пандемијата. Регистрирани се 38 новозаболени, а две лица на 75 и на 78-годишна возраст починале, соопштуваат од прилепскиот Центар за јавно здравје.
Бројот на активни случаи е 237, од кои 201 се на домашно, а 36 на болничко лекување.
Прилепската болница која прва алармираше дека бројот на пациенти на инфективното одделение е максимален и се бара помош за сместување пациенти и во персонален кадар од соседните градови, смета дека ќе ги активира сите ресурси за сместување пациенти.
– Капацитетот на инфективното одделение е речиси исполнет. Во делот на изолација се 5 пациенти кои чекаат резултати. А што понатаму? Доколку се зголеми бројот, најадекватната опција е монтирањето на мобилната болница со пари кои треба да се обезбедат од Светска банка. Доколку се случи „бум“, да се зголеми бројот над 32-33 пациенти, следната можност е да се пратат во другите градови каде има слободни места. Според информациите, најблизок град каде е можно, е Кавадарци, а каде има шест до седум слободни места. Втората варијана е, делот од одделението за уво, нос и грло, каде нема лежечки пациенти, да се искористи за сместување вакви пациенти. Но, планот е, тие да бидат со полесна клиничка слика и да бидат изолирани од другите пациенти, вели директорот на прилепската градска болница Драган Богоески.
Според Богоески, иако има три инструментарки заразени со корона вирусот во хируршкото одделение, нема да се наруши неговото функционирање.
– Тие се со лесни клинички симптоми. Ние функционираме нормално. Имаме три инструментарки со кои го покриваме недостатокот и работењето во операциската сала не е прекинато, објаснува Богоески.
За утре се најавува седница на Општинскиот кризен штаб и се очекуваат мерки за заштита на граѓаните.