Дрво од видот Јапонско јаболко вчера беше посадено во Кочани, од страна на Ленче Манова (46) и Киро Стојов (52), на петгодишнината од денот кој на овие добри луѓе им го промени животот засекогаш.
Како што раскажуваат за ,,Фокус”, дрвото ќе биде симбол на нивниот братско-сестрински однос, кој иако не се во крвно сродство, ќе го негуваат засекогаш.
Приказната за Ленче и Киро е од оние емотивните, кои ја враќаат вербата во човештвото. На вчерашен ден, пред пет години, на клиника во Турција, Киро и донираше на Ленче дел од својот црн дроб и и го спаси животот.
Кога е донирањето на органи кај нас во прашање, последниве години веќе се рушат табу теми и тоа станува чин кој заедницата се повеќе го гледа како благороден гест кој спасува животи, а во времето кога се случи нивната процедура на донирање на дел од црн дроб, во земјава не беше чест случај донорството од жив донор.
Сега, пет години по настанот, за ,,Фокус” Киро раскажува дека Ленче има нормален живот, дека е жена полна со животна радост и никогаш не зажалил затоа што се решил да биде дел од една тешка интервенција.
И тој функционирал нормално, а со Ленче се гледале како брат и сестра.
За својот хуман гест Стојов пред три години ја доби наградата на Стори магазинот за ,,Стори личност”, а исто така доби и признание од Општина Кочани и од Здружението на бубрежно болни – Нефрон.
Тогаш за ,,Фокус” раскажа дека Ленче била дете на нивни семејни пријатели и фамилиите им биле многу блиски. Таа имала здравствени проблеми и се барал донор на црн дроб со цел да и се спаси животот.
Воопшто не се двоумел, ниту пак размислувал какви последици би можел да има од процедурата, и веднаш штом по извршените испитувања дознал дека може да и помогне на Ленче, заедно со неа и нејзината мајка заминал на клиника во Турција.
Инаку, тој е семеен човек, кој има сопруга, возрасни деца и внучиња. Од сите добил поддршка за одлуката да помогне да се спаси животот на Ленче. На клиника во Турција поминале 22 дена, но не се грижел, бидејќи знаел дека црниот дроб е орган кој се обновува.
-Со позитивна мисла и со убава енергија тргнавме во Турција, благодарни сме што се течеше во најдобар ред. Сега, пет години по настанот, можам само да упатам апел до јавноста, дека донирањето на органи не смее да биде табу тема, дека треба да се урнат предрасудите и да бидеме водени од солидарноста.
Мене овој настан ми донесе сестра, нашите семејства уште повеќе се зближија, и никогаш не зажалив што станав дел од ова патешествие. Јапонското јаболко кое го посадивме со Ленче е симбол на оваа нераскинлива врска, со кој го одбележавме денот на кој станавме брат и сестра – ни изјави Киро.
Вики Клинчарова