Пишува: Вики Клинчарова
Уметници, јавни личности, музичари и студенти со трогателни пораки се простуваат на социјалните мрежи од маестро Саша Николовски – Ѓумар, кој што денес ненадејно почина во својата педесетта година.
Еден од најдобрите македонски диригенти и професор на Факултетот за музичка уметност, родум од Битола, со своето заминување остави шок и неверица зад себе. Веста за неговата ненадејна смрт ни ја потврди маестро на хармоника, Горан Алачки, кој што беше долгогодишен близок пријател на Ѓумар.
,,Моментално сум во домот на Саша. Бог да го прости’’ – ни изјави Алачки, потресен од смртта на пријателот.
Со заеднички фотографии со диригентот и со пораки исполнети со неверување, на социјалните мрежи негови колеги и соработници му одддаваат последна почит.
,, Беше зрак светлина на секоја сцена, со него музичарите го даваа своето најдобро. Ќе недостига бескрајно’’ – напишала Тања Царовска.
,,Почивај во мир Маестро, длабока почит кон твојот талент и креативна моќ’’ – е пораката на Дуке Бојаџиев.
,,Комшија,пријател…Маестро Ѓумар неможам да поверувам…Не можам…те видов пред 1 недела,здрав,среќен и полн со живот и желба за реализација на многу идеи…Последниот муабет беше за незавршениот проект со заедничкиот другар и музичар Али Шибли. Почивај во мир Маестро’’ – пишува Ели Клинчаревска Младеновска.
,, Пред само година дена, го работевме мјузиклот со професорот Саша-Ѓумар. Во една прилика ми кажа:од ден, на ден-брзо мина се, живеј паметно. Не научи не само да ја изведуваме музиката, туку да живееме со неа. Многу изгубивме баш на почетокот на годината. Вечно ќе си ни во меморијата и срцата. Почивај во мир голем човеку’’ – напишала Ѓорѓина Поповска.
,, Не напушти уште еден голем човек . Почивај во мир драг пријателе Маестро Саша Николовски Ѓумар ‘’ – е пораката од Зоран Џорлев.
Неофицијално, Николовски починал од инфаркт. Јавноста дополнително ќе биде известена за деталите околу одржувањето на комеморацијата и церемонијата на погребувањето. Големиот професионалец, боем и омилен диригент на македонската сцена е татко на Мила, која што ја доби во својот прв брак, и на Михаил, синот кој што го доби во бракот со Камелија Левенска – Николовска.