Од почетокот на годината заклучно мај, наплатата на приходите во буџетот е за 8,9 проценти пониска на годишна основа, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
-Наплатата на даночните приходи е за 12,9 отсто пониска во однос на 2019 истиот период. Наплатата на придонесите има раст од 7,1 отсто во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платитe, а во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги зголемија платите на околу 120.000 вработени – посочи Ангеловска.
Таа додаде дека расходната страна е повисока за 7.9 отсто, со тоа што кај реализацијата на капитални расходи за првите 5 месеци се бележи мал раст од 1.6 отсто во однос на лани.
-Важен аспект е дека во време на неизвесност и глобална пандемија која предизвика економски рецесии и во најголемите економии, кога има нарушување во синџирите на набавка, намалена економска активност и зголемена улога на државата во помагање на граѓаните и стопанството, ликвидноста на буџетот е стабилна и финансирањето е обезбедено под поволни услови – рече Ангеловска.
Финансирањето на дефицитот и на старите долгови ќе се покриваат со издадената еврообврзница во износ од еврообврзница од 700 милиони евра, заем од ММФ заем во износ од 176 милиони евра, заем од ЕУ од 160 милиони евра, заеми од Светска банка во износ од 140 милиони евра, како и повлекувања од други кредити за реализација на капитални проекти.