Пригожин отворил компанија за управување со недвижен имот во Белорусија

by Fokus

Основачот на групацијата Вагнер, Евгениј Пригожин, регистрирал компанија во Белорусија наречена „Конкорд менаџмент и консалтинг“, пренесува белорускиот портал Reform.

Според Единствениот државен регистар на правни лица и независни претприемачи на Министерството за правда на Белорусија, компанијата со акционерски капитал од 200 белоруски рубљи (околу 72 евра) е регистрирана на 19 јули во селото Цел, во Могилевската област.

Според порталот Reform, тоа е локацијата на воениот камп каде што биле испратени платениците на групата Вагнер по бунтот на Пригожин на крајот на јуни.

Наведено е дека бизнисот е фокусиран пред се на управување со недвижен имот и дека Пригожин е на чело на таа компанија, пренесува Медуза.

Ноќта на 24 јуни, во Ростов на Дон, членовите на Вагнер го окупираа штабот на Јужниот воен округ по изјавата на Пригожин дека руските вооружени сили наводно извршиле ракетни и бомбашки напади врз камповите на Вагнер, иако тоа беше демантирано од Министерството за одбрана на ФСБ и Министерството за одбрана на Русија.

Против Пригожин беше поведена кривична постапка за организирање вооружен бунт. Рускиот претседател Владимир Путин ги нарече дејствијата на бунтовниците криминална авантура, нож во грбот на Русија и предавство, предизвикани од прекумерни амбиции и лични интереси.

Подоцна, претседателот на Белорусија Александар Лукашенко, во договор со Путин, разговараше со Пригожин, по што прес-службата на Лукашенко соопшти дека шефот на приватната воена компанија Вагнер го прифатил неговиот предлог да се запре движењето на Вагнер во Русија и да се преземат дополнителни чекори за деескалација.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Пригожин заминува во Белорусија и дека кривичната постапка ќе биде повлечена.

Поврзани новости