Арбен Гоља
Драги мои сограѓани,
Крајно време е да се разбудите од летаргијата и да излезете со нас на улица, да дадете свој придонес за враќање на демократијата и човечките вредности во нашава прекрасна земја, која копнее за слобода.
Ослободете се од тој неоснован страв што ви е влезен во коските и изразете го својот револт против ова безумие и хаос, кој го продуцира една шака безумници и криминалци, кои нѐ доведоа на работ од амбисот. Немојте субјективно да проценувате дека вам ви е сѐ уште добро и да очекувате дека оваа хипокризија ќе заврши сама по себе и нема од тоа да почувствувате последици по вашиот живот и животот на вашите најблиски. Бидете сигурни дека нема да ви биде добро доколку не му е добро на вашиот сосед.
Охрабрете се и придружите ни се на нас граѓаните што протестираме секој ден, и сме сѐ побројни, бидете дел од оваа граѓанска иницијатива, и ќе почувствувате гордост дека припаѓате на оваа сила која се бори за опстанок и просперитет на својата земја.
Гледате дека слободољубивиот народ се буди низ Македонија, во Битола, Прилеп, Струмица, Велес, Штип и во сите други поголеми градови.
Тргнете се од пред телевизорите и балконите преку кои пасивно ја гледате борбата за слобода на вашите сограѓани, придружете им се и поддржете ги во име на иднината на вашите поколенија, за еден ден да не ве гризе совест дека не сте дале свој придонес во враќањето на слободата и демократијата во нашава земја.
Оваа граѓанска сила не е политички обоена, ова е сила што сака да го врати нормалниот живот, да ја врати слободата на мислењето, на вистинските животни вредности, почитување на човечките животи. Треба да сфатите дека сите сме заложници на една нездрава политичка групировка, која со години ни ја цица животната енергија, ни ја одзема слободата и ни ја уништува иднината.
Секој од вас ни недостасува бидејќи секој од вас е една важна карика од посакуваниот синџир од 100.000 граѓани на улиците на Скопје, а тоа ќе значи крај на овој ненароден режим.
Скопјани, битолчани, прилепчани, струмичани, тетовци, охриѓани и сите вие што не ве спомнав, а што сметаме на вас, придружете ни се!