Превирања во ЛДП: Дали Милевски нестатутарно станал министер?

Милевски повторно стана министер за локална самоуправа без одлука на Централниот одбор, реагира Филип Аврамчев, кој бара Надзорниот одбор да поведе постапка против партискиот лидер.

by Фокус

Со реизборот на Горан Милевски за министер за локална самоуправа во новата влада е прекршен Статутот на ЛДП, бидејќи Централниот одбор не донел одлука за уште еден министерски мандат на партискиот лидер – ова го тврди директорот на Универзална сала и член на ЦО на ЛДП Филип Амрамчев, кој писмено побарал партискиот Надзорен одбор да поведе постапка против лидерот Милевски за прекршување на партискиот Статут.

Како што наша идеолошка заложба е дека никој не смее да биде над законите во државата, така и во партијата никој не смее да биде над Статутот, ниту претседателот на партијата, а најмалку во момент кога тој е лично засегнат“, пишува Аврамчев во писмото до кое дојде Фокус, упатено до членови на НО – Стевче Груевски, Александар Трајановски, Димитар Кузмановски, Јулиана Христовска, Антонио Димов, Зоран Јанов и Јасмина Пачемска.

Како што пишува Аврамчев во писмото, на последната седница на ЦО се зазема став за водење преговори и барања до тогашниот мандатар и веќе избран премиер Димитар Ковачевски за учество на ЛДП во новата влада. Но, наведува тој, одлука за учество и обезбедување на уште еден министерски мандат на Милевски се случи без претходно одржување на седница на ЦО и носење на одлука за учество во влада.

„Согласно член 38, став 17 од Статутот на ЛДП, ЦО утврдува листа на кандидати за членови на Владата од редовите на ЛДП“, пишува Аврамчев, кој воедно кусо ни изјави дека станува збор за внатрепартиска работа за која не сака во моментов да дава дополнителни коментари во јавноста, бидејќи, според него, отворените прашања треба да се решаваат во рамки на партиските органи.

Партискиот лидер Милевски, пак, вели дека ЛДП донела одлука за коалиција со СДСМ, што во меѓувреме не се променило, додека за ЛДП останал истиот ресор за локална самоуправа. Оттука, според него, немало потреба од формалноста со носење на нова одлука од страна на ЦО. Сепак, додава тој, за петок закажана е седница на овој партиски орган.

Доколку еден член смета дека треба уште еднаш Централниот одбор да го потврдува учество на ЛДП и моето во Владата, ќе закажеме седница на која ќе побарам нова доверба од членовите, за која не се сомневам дека ќе ја добијам – вели Милевски, додавајќи дека не бил заинтересиран за друг ресор, бидејќи во ресорот локална самоуправа има заспочнато проекти кои сака да ги реализира.

Инаку, ова следува откако партиски членови го обвинија Милевски дека ја користи партијата за вработување на блиски роднини и пријатели, што лидерот на ЛДП го демантираше, истакнувајќи дека се работи за луѓе кои подолго време работат на исти работни места. Засега, „противниците“ на Милевски во рамки на ЛДП не се експонираат јавно. Но, неофицијалните информации говорат дека ЛДП го чека она што веќе го помина ДОМ, каде неодамна имаше внатрепартиски превирања.

В.С.

Поврзани новости