Агенцијата за храна превентивно повлекува киндер јајца и други чоколадни производи од компанијата „ФЕРЕРО“ од пазарите откако најмалку 125 луѓе, главно деца се отруја со салмонела во Европската унија.
Станува збор за две пратки кои се од сомнителните серии кои дигнаа паника во ЕУ. АХВ денеска добила известување и од компанијата „ФЕРЕРО“ од Загреб, но и преку Системот за брзо предупредување за храна на ЕУ.
Агенцијата бара од потрошувачите кои ги го имаат купено овој вид производ, да не го конзумираат, туку да го вратат на местото кадешто го купиле.
-Грижејќи за безбедноста на здравјето на граѓаните и особенознаејќи дека тука сепак се работи за помладата категорија на граѓани кои ги консумираат овие производи ние, прво по допрен глас кој беше од самата компанија, а воедно и по нотификацијата од Европската унија којашто ја добивме преку РАФАС системот наредивме повлекување, вели директорот на АХВ, Николче Бабовски.
Компанијата увозник може да ги врати производите назад, но доколку одлучи да ги уништи, тоа ќе го направи во Дрисла под надзор на инспектор од АХВ.
До овој момент до АХВ нема пријава дека во Македонија има затруени со салмонела. Досега случаи на салмонела се пријавени во Британија, Ирска, Франција, Германија, Холандија и Белгија.
Најголемиот дел од нив се во Велика Британија, 63, најголем дел деца на возраст до 5 години.
Производите во земјава во моментот имаат статус на „сомнителни“, но доколку Агенцијата ја промени категоријата во „небезбеден“, тогаш производите трајно ќе бидат повлечени од маркетите.