Претставка за судијката за пресудата кај „Млечен“, ќе следува и за обвинителката

by Frosina Fakova

Сопругата на загинатиот Гоце Димитриевски во сообраќајката кај Млечен ресторан што се случи пред две години денеска поднесе претставка до Судскиот совет за пресудата на судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ која во петокот му досуди условна казна на обвинетиот за сообраќајката Васил Чорбаџиев.

Наташа Димитриевска во изјава за медиумите рече дека судијката била пристрасна и ја отстранила од судница кога Чорбаџиев го признал делото, а обвинетиот не им пружил ниту најмала помош.

Таа најавува дека претставка ќе достави и до обвинителката Снежана Бундалевска бидејќи поднела обвинение по година и пол и поради тоа што делото го оквалификувала како небрежност.

– Доколку анализирале и Обвинителството и Судот по однос на оваа околност, би утврдиле дека Васил Чорбаџиев живее во таа населба, секојдневно поминува на таа улица и знаел дека не смее да врти налево. Тоа не може да биде небрежност, затоа што е умисла, вели оштетената.

Таа бара затворска, а не условна казна за виновниот за сообраќајката во која Димитриевска го изгуби својот сопруг, нероденото бебе, а таа завршила со тешки повреди.

Поврзани новости