Драматичен пад на БДП од 12,7 проценти – Заев оптимист

by Frosina Fakova

Бруто домашниот производ во вториот квартал со стапка на раст од минус 12,7 отсто, пад кој не е забележан од воената 2001 година, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се намалил за 32 отсто, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 30,2 отсто.

Во првиот квартал, пред да почне корона-кризата во март, БДП забележа раст од 0,2 отсто.

Премиерот Зоран Заев очекува годината да се заврши со раст според предвиденото повикувајќи се на проекциите за првиот и вториот квартал кои ги даваат условите да се заврши согласно проектираните проекции од минус четири проценти.

-Уште на почетокот на кризата, рековме дека најпогоден ќе биде вториот квартал. Март, април и мај се со минус 12,7 проценти. Нашата економија 60 проценти е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас. Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани. Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформас е добар во вториот квартал и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст, изјави Заев, во одговор на новинарско прашање за денеска објавените податоци за раст на БДП во вториот квартал.

Оцени дека падот е исклучително од ковид кризата наведувајќи дека и бројот на невработени не е намален за 100 или 140 илјади и оти последните бројки покажуваат нешто над 12 илјади. Параметрите, истакнува, покажуваат дека добро се справуваме со економските состојби и оти треба да се продолжи со поддршката на македонската економија и компаниите во пребродување на кризата.

Поврзани новости