Претседателот Стево Пендаровски денеска ја пречека претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар која е во официјална посета на државата.
Словенечката претседателка Пирц Мусар е пречекана со највисоки државни и воени почести за време на официјална церемонија во Кабинетот на претседателот.
Словенечката претседателка Пирц Мусар рече дека Македонија и Словенија имаат години на традиционална соработка и вети дека како претседателка ќе направи таа да се зголеми. Таа рече дека не случајно ја избрала Македонија. бидејќи е емотивно врзана оти работела тука на твининг проект. Пирц Мусар рече дека и Словенија го поминала истиот пат кон ЕУ и се надева дека Македонија ќе има доволно мудрост за да ги направи потребните уставни промени.
„И Словенија мораше да го промени својот Устав, имаше политички расправи и дебати околу тоа да се дозволи на странци да купуваат имот во Словенија. Тогаш и кај нас се зборуваше дека тоа е против интересите на Словенија, но на крај ги направивме промените и продолживме натаму“, рече Пирц Мусар.
Претседателите ќе имаат тет-а-тет средба а ќе се одржи и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Словенија.
Во црквата „Св.Спас“ во Скопје двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
За време на официјалната посета, словенечката претседателка Пирц Мусар ќе оствари средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија