Претседател на Управниот суд Бурим Сејдини негира дека ја злоупотребувал положбата и оти рачно распределувал, но и застарувал предмети.
-Интересно е што се лиферуваат непотврдени информации во јавноста дека се поднесени анонимни кривични пријави од вработените во Управниот суд. Анонимноста на пријавите во корелација со вработените во судот, недвосмилено упатува на фактот дека покрај обидот за моја лична дискредитација се прави обид и за нарушување на институционалниот капацитет и интегритет на судот, макотрпно создаден изминатите години – рече Сејдини.
Неговиот јавен настап денеска следува откако ТВ Алсат објави дека вработени во судот му поднеле кривична поради сомнежи за злоупотреба на службената должност, а како една од причините била сомневања за манипулирање со АКМИС системот.
Телевизијата објави и дека имало анонимни пријави дека Сејдини намерно чувал во фионка речиси 200 предмети главно финансиски случаи од Царина и од УЈП со цел тие да застарат и со тоа била нанесена штета од околу милион евра.
-Секој еден што влегол во суд знае дека претседател на суд не може да застари предмет, а особено што во управна судска постапка пред Управен суд не е можно да застари предмет од областа на даноците и царините затоа што законските рокови за застареност што се предвидени во соодветните прописи се однесуваат единствено на постапување на органите на управата, а судот е единствено надлежен да констатира застареност согласно тие прописи – истакна Сејдини.