Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со Указот број 556/2023 го одликува Џабир Дерала со орден за заслуги, соопшти ЦИВИЛ денеска. Со истиот Указ, со орден за заслуги се одликувани и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и светски познатите актери, Ален Делон и Кетрин Денев.
На списокот на добитници на ова високо државно признание од Претседателот на Украина се наоѓаат и низа политички, научни и општествени дејци од целиот свет.
„Ова признание го доживувам како потврда за мојата работа и мојата посветеност кон обелоденување на вистината за трагичните последици од бруталната руска агресија против демократска и слободољубива Украина, наспроти жестоката пропаганда со дезинформации од кои страда и нашето општество. Сакам да се знае дека ова високо и за мене драгоцено признание го сметам како заслуга и признание за сите мои колешки и колеги во ЦИВИЛ, како граѓанска организација и како медиумска платформа, како и во Фронтлајн, каде што сум уредник. Ова високо одликување Претседателот на Украина е наша заедничка заслуга! Слава Україні!“, рече Дерала пред колегиумот кој се собра да му честита на својот колега.
Повеќе детали за официјалното врачување на одликувањето се очекуваат на почетокот на ноември.