Претседателот на Судскиот совет и неговиот заменик ќе се бира од редот на сите членови на ова тело. Уставниот суд го укина член 8 став 3 во делот „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“, од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија.
Целосната одредба гласи дека претседателот на Советот и неговиот заменик се избираат од редот на членовите на Советот со право на глас, кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.
Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на Советот со право на глас се исклучени.
Според Уставниот суд, укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеењето на правото и поделбата на државната власт.
По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Тројца членови на Советот ги избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Македонија.
Двајца членови на Советот предлага претседателот, а изборот го врши Собранието, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Македонија.