Конечно да се издвоиме кои сме новинари, а кои се натрапници и рекетари, порачаа новинарките на „Фокус“ по денешното рочиште против Стаменковски

by Фокус

Крајно време е да се знае кои се новинари, а кои се натрапници во професијата и рекетари, порачаа новинарките на „Фокус“ Ирена Мулачка и Валентина Вурмо, по денешното рочиште против сопственикот на „Доказ М“  Марјан Стаменковски, кој е обвинет за повеќе кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

По барање на обвинителката Зорица Павловиќ и со одлука на судијката Марија Клетничка, јавноста беше исклучена од почетокот до крајот на главната расправа, бидејќи на неа ќе се изнесуваат лични детали од животот на оштетените. Во судницата се појавија шестмина оштетени сведоци, меѓу кои и двете новинарки на „Фокус“.

-Очекувам правдата да биде задоволена, обвинетиот да се најде онаму каде му е местото и еднаш засекогаш да се знае кој е новинар, а кој е рекетар – рече Мулачка по завршувањето на рочиштето.

Вурмо, пак, изјави дека бројот на оштетни ги надминува луѓето што денес беа присутни во судот.

-Од предметот очекувам конечно да се издвоиме кои се професионални новинари, а кои натрапници во професијата. Поголеми очекувања имам од вториот предмет на обвинителството за Стаменковски, очекувам да покаже кои биле нарачателите и посредниците, односно кои плаќале за да се објавуваат лажни текстови,  и се надевам и тие да се најдат на обвинителна клупа – рече Вурмо.

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Поврзани новости