Најдобриот стрелец во историјата на ракометната Лига на шампиони, Кирил Лазаров потпиша нов двегодишен договор со Нант, на задоволство на првиот човек на клубот Гаел Пелетие.
– Преговорите беа кратки, бидејќи волјата беше вообичаена. Лазаров е еден од најдобрите ракометари на светот и тоа го покажа со своите настапи за овој клуб. Оваа сезона е сеприсутен и има доминантна улога во резултатите на тимот. Затоа, природно беше да му понудиме нов договор. Нант е горд што во своите редови има играч од калибарот на Лазаров, изјави Пелетие.
Капитенот на македонската репрезентација ќе остане во Нант до јуни 2021 година.
– Дојдов во Нант и знаев дека екипата е карактерна. Не беше лесно на стартот – пристигнав со големи амбиции, но не говорев француски. Но, таа прва сезона се покажа како историска за клубот. Денес се чувствувам многу добро во Нант, го сакам клубот и ги сакам навивачите. Да се игра во полна сала секој натпревар е вистинска привилегија. Клубот секојдневно расте и убеден сум дека заедно ќе се подобруваме оваа сезона. Јас сум лојален човек и ќе ја вратам довербата која челниците ја имаат во мене, рече Лазаров по официјализацијата на трансферот.