Претседателот на Либерално демократската партија, Горан Милевски е еден од можните кандидати за градоначалник на Битола, а тоа го потврдуваат и направените анкети, на кои лидерот на ЛДП, најдобро котира. Меѓутоа, конечна одлука се уште не е донесена со оглед на тоа што во СДСМ се уште се разгледуваат сите опции.
Инаку, во трката за градоначалничката функција на Битола од редовите на СДСМ, ќе трчаат 12 кандидати, колку што се имаат пријавено на интерниот партиски конкурс.
Меѓу кандидати се: советникот во Советот Горан Козаров, заменик министерот за здравство, гинекологот Гоце Чакаровски, в.д. директорот на битолската Клиничка болница Зоран Лазаров, екс пратеникот во македонскиот парламент, Борче Петковски, советничката во Советот, професорката Наташа Петровска, советникот Златко Ќуркчиев, вработен во РЕК „Битола“, советникот во Советот и бизнисмен Зоран Стојчевски, бизнисменот Раде Христовски, новинарот на МИА, Марјан Танушевски, бизнисменот Сребре Нечовски, лекарката Дијана Георгиевска и советникот во Советот на општината, вработен во „Лозар“ Битола, Методија Илиевски.
Меѓу кандидатите за градоначалник на овој список ги нема генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски и пратеникот и прв човек на општинската организација Васко Ковачевски, кои не се пријавија на конкурсот. Сепак, Кирацовски се споменува како можен кандидат за градоначалник, додека името на Ковачевски се споменува за директор на РЕК „Битола“.