Во рамките на утринската акција на полицијата во скопско и кумановско уапсени се дванаесетмина лица, кои обвинителството главно ги гони за злосторничко здружување, лихварство, изнуда и криумчарење мигранти.
Обвинителството соопшти дека еден од притворените е висок функционер во основниот кумановски суд, во кого дел од медиумите го препознаа претседателот на судот, кој е осомничен за злоупотреба на службена должност и овластувања.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котески, за Фокус ниту потврди ниту демантираше дали станува збор за првиот човек на овој суд Муса Сулејмани, единствено велејќи дека тоа ќе го каже министерот Митко Чавков на прес-конференција.
Неофицијално, Сулејмани важи за близок до ДУИ и пред се до партискиот лидер Али Ахмети, но добро упатени партиски извори велат дека неговото апсење не е резултат на внатрепартиските борби за превласт, кои во кумановско-липковскиот огранок на „интегративците“ завршија и со човечки жртви.