Претседателот на Европскиот истражувачки совет (ЕРЦ) Мауро Ферари поднесе оставка откако не успеал да го убеди Брисел да почне научна програма од широки размери за борба против коронавирусот.
Ферари, кој на 1 јануари почна четиригодишен мандат на местото претседател на ЕРЦ, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека е „исклучително разочаран од европскиот одговор на Ковид-19“.
Италијанско-американскиот експерт за наномедицина ја обвини Европската комисија за „голем некоординиран кластер на иницијативи“. Тој рече дека барал ЕРЦ да додели специјално финансирање за истражување на Ковид-19. Како резултат на тоа, „изгубив верба во самиот систем“ вели Ферари кој вчера ја доставил оставката до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Сепак, Кристијан Елер, германски член на Европскиот парламент, кој го предводи законодавството за истражувања, синоќа лиферуваше соопштение, во кое постапките на Ферари ги оцени како „фасада за односи со јавноста во однос на кризата со коронавирусот“ и оти тоа што го барал е во спротивност на правната основа на РЦЕ.
Други извори велат дека раководното тело на агенцијата, 21-члениот Научен совет, неколку дена претходно одлучило да побара оставка на Ферари. Проблем било и тоа што, според нив, тој минувал премногу време на приватни активности, кои немаат врска со ЕРЦ, објави „Сајнс бизнис“.
Кога ја презеде функцијата на 1 јануари, на Ферари му било дозволено да продолжи со некои активности во САД, каде изградил кариера во областа на инженерството, нанотехнологијата и медицината. Меѓу нив и платена позиција во Управен одбор во американската биотехничка компанија Ароухед Фармаситикалс (Arrowhead Pharmaceuticals). Тој, исто така, продолжил да работи како вонреден професор по фармацевтска наука на Универзитетот во Вашингтон. Но, аранжманот бил невообичаен за агенција како ЕРЦ и веќе предизвикал критики од надвор. Кога европските држави минатиот месец почнаа да воведуваат затворање на граници и изолација, тој бил во САД, каде што работат неговите возрасни деца.
Портпаролот на Еврокомисијата вчера ја потврди оставката на Ферари, но одби да соопшти повеќе детали.
Во писмото со оставка, кое било доставено до „Фајненшл тајмс“ Ферари вели дека предложил ЕРЦ да воспостави специјална програма за Ковид-19, бидејќи „во вакви времиња, на најдобрите научници во светот треба да им се обезбедат ресурси и можности за борба против пандемијата“. Тој рече дека тоа било едногласно отфрлено од Научниот совет „без притоа да се размисли во каква форма би можело да се направи тоа“. Ферари додаде дека подоцна бил поканет од претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен за да даде увид во состојбата со Ковид-19, што предизвикало „внатрешни политички грмотевици“ во бирократијата на Комисијата.
ЕРЦ, според закон, финансира истражувања предложени директно од научници – врз основа на сопствената проценка за она што е важно; тие ги добиваат парите – 2,2 милијарди евра за сите истражувања за 2020 година – доколку соодветните панели од агенцијата дадат согласност. Во изјавата на Ферари се вели дека тој знаел дека неговата идеја за грантови доделени „од горе кон долу“ за Ковид-19 се спротивни на вообичаената пракса на агенцијата за финансирање „од долу кон горе “, но таа беше оправдана со вонредната состојба.
Официјалните претставници на ЕРЦ одбија да ја коментираат оставката.