АРХИВА Претседателот Иванов контра професорот Иванов!?

by fokus

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 4-ти октомври 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 939

„Промените на Балканот во политичката сфера се биолошки. Кога ќе дојде некој на функција, тој прави сѐ за да остане на неа, бидејќи власта е сласт, а кога се има сласт, се решава со страсти. Затоа и тука, кога ќе се добере човек до позиција, со иста инфраструктура, со сигурни гласачи, затоа што еден К-15 пред избори ги придобива, тоа доведува до застој на менување на елитите.

Кој ќе дојде до фотелјата на премиерот, тој има пристап до сите ресурси во државата. Тој е моќта, тоа е моќта во државата. Тој располага со буџетот, ги има сите информации, а бидејќи инфраструктурата е иста од старата власт, полицијата пак ќе биде во функција на власта, а не во функција на народот; јавната администрација повторно е  поданичка и сака да ги исполнува желбите на власта; судството исто така … И, така доаѓа до систем што се нарекува гангренозен. Продукт на тоа е цинизмот и апатијата!“.

Овој одличен кроки портрет на нашиот систем во бесконечната ни транзиција го наслика актуелниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов, ама кога беше само професор, политиколог, далеку од било каква помисла за дислоцирање во вилата на Водно. Пред 9 години, „гангрена“ беше дијагнозата што тој ја даде за режимот на СДСМ!

Дали денес, по 7 години континуирана власт на ВМРО-ДПМНЕ -партијата што го вивна до височините на претседателската функција, Иванов држи до ставот дека „еден К-15 пред избори придобива сигурни гласачи“? Уште повеќе, кога проектот се мултиплицира со покачувањата на плати, пензии, делење субвенции, социјална помош пред избори? А што е еден К-15 наспроти оваа палета мерки со магична моќ за „сигурни гласачи“?! И така бидна – застој во смена на елитите на власт!

РЕЦЕПТ  ЗА КОРУМПИРАЊЕ НА КРИТИЧАРИТЕ

Но, вообичаено, принципите се менуваат кога ќе се осети опојниот мирис на власта. Претседателот Иванов во истите симптоми на болеста на системот сега гледа здрава демократија! Веројатно затоа молчи за поданичките институции кон најмоќната личност – Премиерот. Особено звучи саркастично кога тој, исто како и најмоќниот, ќе повика едикојси проблем да се реши низ институциите! И тоа откако оваа гарнитура, по теркот на претходниците, успешно ја заврши окупацијата на истите.

Како му успеа на Никола Груевски да ги надмине „душманите“ од СДСМ?! Рецептот го открива професорот Иванов. Тој во 2004 година јасно го дијагностицираше молкот на една генерација, која кон крајот на социјализмот, понесена од демократски идеи, крикна: „Царот е гол“. Е што сторил Бранко Црвенковски да ги дисциплинира? Едноставно, на овие бунтовници им нашол место – да бидат дел од власта.ivanov„Власта многу лесно ги придоби, а, со самото тоа, ги корумпира и ги неутрализира“! – ја откри тогаш Иванов волшебната формула за замолчување на критичарите.

Арно ама, ВМРО-ДПМНЕ ја мултиплицираше и оваа финта. Многумина кои жестоко се бореа против аздисаноста на режимот на СДСМ, Груевски успешно ги неутрализираше со највисоки функции, некои ги направи советници, други амбасадори, трети директори!

Од друга страна, и Груевски располага со буџетот како и Бранко некогаш. Администрацијата, полицијата, судството, исто така му се во функција како поданици. Ако некој смета дека разликата е во тоа што професорот зборуваше за „старата структура“ што СДСМ ја имаше од стариот режим, тогаш треба да е или политички наивен или со испран мозок од владините реклами. Та за овие 7 години, од авион се гледа дека веќе сите институции се „реформираа“ по мерка на преродбата.

Тоа сосема прецизно деновиве го наслика ексгувернерот на НБМ, Петар Гошев, уште поважно – човекот што како лидер на СКМ ги отвори ширум вратите на демократската пролет во Македонија.

Вла­да­та зуи 24/7 дека врши големи реформи во институциите, дека го јак­не нивниот капацитет, а всушност, како ниту една друга досега ги прет­во­ра во слуги на партиската врхушка. Дистрибуцијата на јавните па­ри е строго партиски програмирана; судската правда партиски се­лек­тив­на; функцијата на медиумите дисторзирана; уставно поделената власт не постои, сѐ е во рацете на Лидерот; речиси сите институции се прет­во­ре­ни во макети кои се тресат да не обелоденат некоја тајна, да не дадат погрешна изјава“, изјави Гошев за „Вест“.
Ќе забележите дека нема големи разидувања во опсервациите на Иванов за власта на СДСМ во 2004 година и овие на Гошев за режимот на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година. Со таа разлика што е многу пострашно некој што се декларира како реформатор, ем, нели, не е наследник на комунистите, да „упразнува“ такви тоталитарни амбиции.

Апсолутно се согласував со ставовите на Иванов за власта на СДСМ. Жестоко го критикувавме нивниот манир на владеење. Ама, исто така, целосно ги потпишувам и оценките на Гошев за продуктот од владеењето на партијата на Груевски, особено дека досега ниту една владејачка гарнитура не успеа до ова дереџе да ги претвори институциите во нивни слуги. Но, Иванов веројатно е неутрализиран. Претседател е на државата, иако, нели, моќта е кај Премиерот! Не ќе да е поинаку денес! А повторно „Царот е гол“!?

СТОРИИТЕ НАГРАДЕНИ, СКАНДАЛИТЕ ЗАБОШОТЕНИ

Значи, ако не дозволуваш да те неутрализираат ниту со троа  функции или битисување на дворот како важен фактор, ем не наседнуваш на замајувачките тези, демек, оној го сака Бранко, а го мрази Груевски, или претходно го мрази Бранко, а го сака Љубчо, тогаш ќе можеш јасно да здогледаш дека „секој ден, сѐ повеќе напредуваме“ во гангренозен систем! Но, да ги оставиме дворјаниве на раат да си ги сакаат или да си ги мразат сите моќници, односно ексмоќници согласно нивната улога на дворот, зашто, барем ние во „Фокус“, палетата на фараоните од Илинденска не ги апсолвираме како холивудски ѕвезди за кои ќе правиме албуми и споменари. Напротив, сите критики се темелат на фактот дека тие се симбол, врвот на моќта!

И доаѓам до поентата – како да се избориме за функционална демократија, кога институциите се заробени, премиерот е како фараон, а администрацијата и вработените на буџетска сметка се верни слуги на власта!? Многу тешко! Во таков амбиент и опозицијата е декласирана. Уште повеќе, во вакви држави, политичките партии во еден дел функционираат според узансите на „Коза Ностра“, или, според некои балкански експерти – како злосторнички здруженија!

Да почнам со вработувањата на буџетска сметка, што партијата на власт виртуозно ги претвори во модус вивенди. Денес проширено и надградено од сдсмовско време, редовно ќе слушнеме лични искажувања дека услов за вработување е партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ. Може да е и на договор за одредено време, ама тоа уште повеќе ги прави кандидатите „оптимисти“ дека ако гласаат за ДПМНЕ, сигурно ќе дојдат до постојано вработување. Ако, пак, дојде СДСМ, ќе останат без леб, ќе бидат жртви на одмазда!

Да биде иронијата поголема, главниот аргумент на противниците на бојкотот на локалните избори беше дека опозицијата ќе ги изгуби како база и тие неколку општини што ги има. Градоначалничките аспирации се покриваа дури и со барањата и очекувањата на општинската администрација! Вакви ставови сосема лежерно нудеа дури и професори, веројатно давајќи предност на реалноста наспроти науката за демократските вредности. И не изненадува што дури и бројните случаи за уценети гласачи од администрацијата, што ги регистрираше и ОБСЕ/ОДИХР, не добија разрешница, во смисла – било, да не се повтори. Затоа и редовно следиме репризи на овие феномени.

Парадоксално или подобро речено својствено за гангренозен систем, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и во 2011 и оваа 2013, обете изборни години, додели награди за најдобри истражувачки стории токму за новинарските откритија за (зло)употреба на функциите за придобивање „сигурни гласачи“, а овие скандали молчешкум беа проголтани од надлежните институции за нивно санкционирање. Случајот „уценети гласачи“ го откри А1 телевизија, која потоа беше згасната, а списоците за вработувања во јавните претпријатија ги обелодени Алфа ТВ, што во меѓувреме доживеа сопственичка „преродба“. Ете „толку“ можат поданичките институции!Horhe1ПОЛИТИЧКИ РОБОВИ И АРМИЈА ПОЛТРОНИ

Ако е за некаква утеха, ваквите гласачки шеми не се наш специјалитет, туку испробан рецепт за добивање избори во „заробени држави“. Во такви услови, дури и кога ќе пукне срам во јавноста, тие вешто се забошотуваат. Интересно е каков тек доби аферата „Снимка“ во Црна Гора. Дневниот весник „Дан“ го обелодени скандалот преку аудиоснимки од седниците на раководството на ДПС на премиерот Мило Ѓукановиќ, на кои убаво се слуша како се договара употреба на државните ресурси за вработувања по партиска припадност, а во подготовките за парламентарните избори 2012. Скандалозните разговори во ДПС, „Дан“ почна да ги објавува во февруари оваа година, а веќе на претседателските избори во април, како на дланка се покажаа механизмите за добивање избори опишани во беседите на партиските состаноци.

Она што за нас беше расчистување на настаните од 24 декември, за Црногорците стана аферата „Снимка“. Брисел и Штефан Филе инсистираа да се расчисти низ институциите. И се расчисти слично како и колку и кај нас. Таму дури се отвори и парламентарна истрага, се сослушуваа актерите од „Снимките“. И покрај јасните тонски записи, Ѓукановиќ тврдеше дека ДПС никогаш не учествувала во организирана злоупотреба на државните ресурси во функција на победа на изборите, а аферата „Снимка“ ја претстави како „медиумски спинувана во Црна Гора, а организирана од српските тајни служби, без знаење на власта во Белград“. Се вадеа и формално-правно, на снимките се забележани одделни дискусии, кои, замислете – не биле партиски заклучоци!

Опозицијата обвинува дека власта се обидува да го замрзне скандалот. Собранието усвои технички извештај од парламентарната истрага, а Обвинителството со месеци пимпла со својот дел! Но, како ништо да не било. Деновиве, откако се распишани избори за три општини, владејачката партија дури ќе назначи координатор, кој се прославил токму со аферата – на снимките отворено ги критикува директорите на јавите претпријатија дека не се доволно агилни во собирање гласови. Ете какви се ефектите од комисиите на кои инсистира Брисел!

Значи јасно е дека и во Подгорица скандалот издишува како и нашиот 24 декември. Одговорност нема и нема да има додека системот е во поданичка улога на владејачката партија. За некои критичари, аферата „Снимка“ го става дури и раководството на ДПС во ранг на „злосторничка организација“ од Кривичниот закон. Сепак, тоа што од партијата на Ѓукановиќ ги изместува малку од комоцијата е што такви аудиоснимки од партиската архива може да ги протури само инсајдер! Некој се дрзнал да ја наруши војничката дисциплина! Да изврши предавство!?gjorge-ivanov-3-mz„Важно е да се одржи култот на молкот. На тоа би им завидувала и „Коза ностра“. Да се држи народот во состојба на неинформираност и незнаење. За првото ги имаат своите медиуми, за вториот своите –приватни факултети… Луѓето треба да ги обликуваат така што да немаат ниту знаење, ниту потреба да се сомневаат во тоа што го прави власта. Потоа да ги поставите на позиции кои никогаш не би ги добиле во отворена конкуренција. Така се создаваат политички робови, армија полтрони кои обезбедуваат вечно владеење“, ја коментираа од независниот печат формулата за „шест победи во седум години“ на црногорските преродбеници!

МИТОТ ЗА НЕПОБЕДЛИВОСТА

Барем три елементи што ја красат цврстината на мафијашката „Коза Ностра“ успешно ги користат и политичките партии за долговечност на власта. Првиот е токму култот на молкот. Никој не смее да прозбори без дозвола од Донот односно од Лидерот за она што се случува во рамките на организацијата, односно партијата. „Коза Ностра“ таквите буквално ги ликвидира, а партијата политички ги егзекутира. Второ, организмот функционира на база на строга војничка дисциплина. Хиерархијата е најцврсто поставена. Разногласието се смета за опасно по живот! И трето, особено важен заеднички елемент им е митот за непобедливоста на мафијата, односно партијата. Поточно, поважно е да се наметне перцепцијата дека никој ништо не им може, а стравот да ја парализира секоја акција контра Нив.

По ова, јасно е што една политичка партија со тоталитарни дострели го смета за штетно по нејзината долговечност. За волја на вистината, и во демократски системи ретко се случува додека е некој во зенитот на моќта, да биде осуден за што било. Поранешниот француски претседател Жак Ширак е потврда за тоа. Откако ја загуби власта, беше осуден за корупција од пред 15 години додека бил градоначалник на Париз. Патем, во контекст на темата за администрација во функција на изборна победа, Ширак го судеа затоа што користел буџетски пари за фиктивни вработувања во градската администрација, за лица кои работеле за партијата, а се исплаќале од градската каса.

Но, да се вратам на нашите балканско-транзициски простори. Сепак, сме далеку од демократските капацитети на една Франција. Немаме ниту традиција на тоа поле, ниту, пак, политичка волја кај оние што се некакви партиски елити. А кога сѐ е во рацете на Лидерот, а институциите се макети, тогаш навистина е тешко да се победи режимот, иако денес се нудат лесни рецепти. Што може опозицијата?!

„Опозицијата го носи нивото на демократичност на една влада, и затоа сите механизми на контрола на власта ги има опозицијата. Кој прави контрола како се трошат средствата од буџетот? Кој има контрола на кршење на човековите права!Тоа во секоја демократска земја го има опозицијата“, проповедаше професорот Иванов кога ВМРО-ДПМНЕ со Груевски беше опозиција.

Зарем денес опозицијата во ликот на СДСМ има контрола на кршењето на човековите права? Каква контрола има врз трошењето на буџетот, кога власта на ВМРО-ДПМНЕ дури стори невиден преседан – ги исфрли од парламентот во пакет-аранжман со новинарите!? И сега, дали сме демократска држава и од оние гангренозните!?

Сѐ на сѐ, победничките тактики што успеваат во демократски системи да ѝ донесат гласови на опозиција, немаат шанси во гангрена-режим. Тоа е како со аспирин да сакаш да победиш канцер

Феномен
ДУШМАНОТ КАКО КОНСТАНТА!

„Со секуларизацијата во западниот свет исчезна душманот. Душманот е тој кој во религијата е против вас и мора да го уништите и да го снема. Кај нас душманот е сѐ уште на политичка сцена. Тој што не мисли како вас, не е само непријател што треба да го придобиете, туку е душман што треба да го уништите“, вака професорот Ѓорѓе Иванов го објаснуваше феноменот на душманот за време на власта на СДСМ.

Што ли би рекол актуелниот Претседател на Република Македонија за „Улогата на душманите во ефикасното спроведување на Преродбата во 100 чекори“!?

Поврзани новости