Претседателот Иванов конечно се огласи за протестите за случајот „Монструм“

by Фокус

Претседателот и врховен командант Ѓорѓе Иванов денеска од Охрид конечно го изрази својот став за протестите против пресудата за случајот „Монструм“.

„Деновиве сум постојано во контакт со сите надлежни институции околу тие насилни протести. Сите наши служби одговорно си ја вршат работата, а јавноста најверојатно ќе биде запознаена со сите наши анализи. Протести се дозволени секаде меѓутоа насилството никаде не се дозволува. Сите прашања може да се решаваат преку институциите“, рече Иванов од Охрид.

Тој додаде дека секој кој што смета дека пресудата не е во ред и имаат било какви сознанија тоа можат да го направат преку правно регулиран пат.

„Секој кој што се сомнева во било која активност или дејствие на некоја институција може тоа по регуларно пропишан пат да го оствари. Да оставиме Апелациониот суд да ја испита пресудата и сите што сметаат дека можат да придонесат со нивно осознание и сметаат дека нешто не е во ред тоа можат по правно регулиран пат да го остварат. Гледаме дека едни исти лица кои сакаат да ловат во матно сакаат да освојуваат дневно политички поени и ја користат вознемиреноста кај населението. Сакам да им порачам дена во Македонија има институции кои функционираат и кои се справуваат со сите предизвици. Имало и ќе има такви настани меѓутоа не смееме да создаваме кај населението страв. Тие ја дале довербата во нас кои не избрале и ние сме одговорни пред нив да не дозволиме да се случуваат насилни акти“, вели Иванов.

Поврзани новости