Восочни фигури на Тодор Александров и Ванчо Михајлов и во Музејот во Штип?

by fokus

Се шпекулира дека во восок, покрај Гоце Делчев, ќе бидат изработени и Ванчо Михајлов и Тодор Александров, за кои пак досега имаше реакции во јавноста кога, изработени во бронза и восок, беа поставени во Скопје.

Од Музејот не успеавме да добиеме официјален одговор чии ликови ќе бидат изработени во восок, бидејќи откако го поставивме прашањето, директорот Зоран Ќуткушиев, замоли да го побараме за 10 минути. Подоцна директорот не одговараше на повиците, а неговата секретарка не извести дека заминал од канцеларијата и дека најверојатно денес нема да се врати на работното место.

Тендерот за изработка на восочните фигури го доби фирмата АД „Рудници и железарница Институт“-Скопје. Договорот бил склучен пред еден месец, а денеска беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки.

Восочните фигури се планирани за новиот музеј кој ќе биде во куќата Андови, старо штипско семејство, која Министерството за култура ја откупи пред неколку месеци. Тогаш директорот Ќуткушиев истакна дека во него ќе бидат презентирани предмети од животот на штипјани од Ново село од постилинденскиот период, односно од 20-те и 30-те години на 20 век. Родени во Ново село се Ванчо Михајлов, Тодор Александров, генералот Михајло Апостолски, а учител во ова село бил Гоце Делчев.

Споменик на Тодор Александров, излеан во бронза, како дел од проектот „Скопје 2014“, беше поставен во Кисела Вода, а од Владата првично му го дадоа името „Војвода на коњ“. Тогаш од СДСМ реагираа дека никогаш нема да прифатат со народни пари да се величат негативни ликови, како Александров, нарекувајќи го непријател на македонската нација. Восочната фигура на Ванчо Михајлов, пак, беше поставена во Музејот на ВМРО.

 

 

 

 

 

Поврзани новости