Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска во законскиот предвиден рок по избор на функцијата доставила нецелосни податоци за имотот на своите блиски лица со кои живее во заедничко домаќинство, потврдува за „Фокус“, членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Нури Бајрами.
-Пријавила нецелосни податоци. Ова се потврди со проверка на податоците што е во надлежност на ДКСК. Комисијата врши евиденција, проверка и испитување на имотната состојба на именуваните и избраните лица, вели Бајрами.
Ова, како што јави Алсат, било соопштено на седницата на комисијата во петокот.
-Има недоследности во податоците истакнати во анкетниот лист, има фирми кои се во сопственост на блиски лица, брачниот другар, а сомнежите што ги констатиравме во однос на приватни и правни лица веќе не се наша надлежност. Ние го пронајдовме тоа додека прибиравме информации. За она што го констатиравме при нашата истрага и прибирањето информации ќе го известиме Јавното обвинителство, рекол Бајрами.
Инаку, минатата година Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка обвини дека сопругот на тогаш новоизбраната претседателка на Судски совет, зел кредит од 1,6 милиони евра од сега веќе пропаднатата Еуростандард банка и не го вратил, а нивната ќерка била вработена во банката.
Таа сега треба да плати глоба од 300 евра, но ако ја плати во рок од осум дена по издавањето на прекршочниот налог, ќе треба да плати пола сума. Засега нема реакција од Црвенковска, иако „Фокус“ побара.
Ф.Ф.С.