Претседателката на ЛК и директорката на битолската болница бранат хирург, кој е опасност за животот на пациентите!

Лекарите и медицинскиот персонал секогаш имале поддршка од „Фокус“, ама да се разбереме - чесните, професионалните и стручните лекари. Додека, сите оние што се пијани и го ставаат животот на пациентите во опасност, корумпираните и нестручните секогаш ќе завршат на страниците на „Фокус“, со оглед на тоа дека јавниот интерес е пред сѐ. Поточно, животот на пациентите е пред сѐ.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Повеќе од две недели, „Фокус“ ги истражува случувањата во битолската клиничка болница, која на годишно ниво опслужува повеќе од 300.000 пациенти од регионот. Слободно можеме да го употребиме зборот хорор, со оглед на сите страшни приказни што излегуваат од лавиринтите на оваа болница.

Како што веќе објавивме, само лани имаше неколку смртни случаи, и тоа на петгодишно девојче, младо 24-годишно момче и две новороденчиња. Всушност, тоа излезе во јавност, за тоа знаеме и имаме документи, а за сѐ друго што не знаеме. Оф, леле мајко.

Сепак, еден од најшокантните моменти беше кога откривме дека во болницата со години дежура лекар, и тоа хирург, кој има проблеми со алкохолот. А, доволен доказ беше и тоа кога ја видовме и фотографијата, како изгледа лекарот за време на едно дежурство, кој бил фотографиран од некој од вработените.

Ова очигледно не претставувало никаков проблем за актуелната директорка Елизабета Ивановска, која од пред една недела е повторно назначена на истата функција. Таа по вториот текст испраќа демант, во кој, покрај тоа што тврди дека го уриваме угледот на болницата, сме пишувале непроверени и неточни работи и дека не била побарана нивната страна.

Па, сега вака, „Фокус“ објави дека во болницата работи хирург, кој многу години оди на работа под дејство на алкохол, а тоа го потврдуваат и документите со кои располагаме. Неговото име не го ставивме целосно, туку само со иницијали, ама затоа подоцна во демантот од болницата, тие самите го објавија целото име и презиме на хирургот.

Во демантот, директорката уште наведува дека не била побарана, што не е точно, затоа што постои вибер-комуникација, на кој е зачувана целата конверзација, како и разговорот, во кој таа најпрво потврди дека имале таков проблем со лекарот, за по половина час да се прејави и да каже дека началникот на Одделот за општа и детска хирургија ѝ рекол дека хирургот има само здравствени проблеми.

Па, наместо да биде санкциониран, како што наложува законот, тие го хоспитализираат во болницата, откако по Божик, како што веќе објавивме, бил фатен пијан на работното место. Да, има здравствени проблеми и треба да се лекува, но затоа не треба да му се дозволува да работи со пациенти, под никој услов, зашто го става нивниот живот во опасност, а тоа го потврдува и извештајот од психијатар, откако на 10 јануари, на хирургот му бил извршен преглед. Во прилог дел од извештајот.

Пациентот опсервиран на Одделот за хирургија, каде што и е вработен како лекар. Пациентот е во алкохолизирана состојба, во која се наоѓа повеќе дена и преземени се мерки за детоксикација на одделот каде работи. Но, и покрај детоксикацијата, пациентот наоѓал период да земе одново алкохол и да западне одново во истата состојба.

 

Во моментот на опсервацијата, пациентот примаше инфузија за детоксикација. Одбива секаков вид помош понудена од страна на психијатар, сѐ со цел да не биде евидентиран во системот. Оваа состојба на консумирање алкохол трае повеќе години наназад, а последните години се интензивирала од авто и хетероподаток од дежурниот персонал на Одделението за хирургија.

 

Предлог: Потребен е хоспитален третман во психијатриска болница од затворен тип“, завршува извештајот.

Факт е дека здравствената состојба на пациентите е доверлива, поточно нивните лични податоци, кои нормално ние не ги објавивме, но не е класифициран документ. Едноставно, сакаме да знаеме која е причината – зошто некој свесно го става животот на пациентите во опасност, со оглед на страшната дијагноза што ја има лекарот?

Е сега, актуелната директорка се најде најзасегната, па наместо да го санкционира хирургот, кога веќе добила функција, таа го оставила да работи сѐ до моментот додека не излезе текстот во неделникот. Дури тогаш издала наредба до началникот на Одделот да не се става истиот доктор повеќе на дежурство. Тоа единствено го презела.

Ама, затоа во меѓувреме ровари низ цела болница за да ги најде кртовите, кои ни ги дале документите и фотографиите, па во демантот дури наведува дека може да ги преземе сите расположливи средства, што подразбира тужба.

Јас на нејзино место повеќе би се загрижила за смртните случаи во болницата, за недостигот од кадар, за тие нестручните што со години работат со пациенти, за коруптивните, оти и тие ги има, а и за нив имаме документи…

Дури и Министерството за здравство е запознаено со случувањата во болницата, па дури и со тие што имаат проблеми со алкохолот. До нив се стигнати неколку претставки за истиот хирург. Тоа е здравствен проблем, но нема оправдување за никој од надлежните, од кои сите биле запознаени – да дозволат лекарот воопшто да работи.

Ако толку се грижеле за него, требало да му помогнат. За толку можеле да покажат колегијалност. А, не му помагаат ако ги остават пациентите под негов „нож“.

Така што, директорката Ивановска и нејзините потрчковци да прекинат да бараат кртови низ болницата, туку да почнат да си ја вршат работата за која се поставени. Нели, како што знаеме, сѐ уште има чесни луѓе, лекари, медицински сестри и болничари, кои не можат да гледаат неправда и како пациенти умираат. И секоја чест на нив.

Инаку, бујрум нека тужи. Јас стојам позади секој збор и позади секој објавен документ.

 До Калина Старделова-Гривчева, претседател на Лекарската комора.

По објавувањето на вториот текст во неделникот „Фокус“, со реакција се јавија и од Лекарската комора, тврдејќи дека сме правеле стигматизација на сите лекари и медицински персонал, сме ги ставале во ист кош итн. „Фокус“ беше коректен и ја објави реакцијата, но тоа не значи дека се сложува со неа.

Но, претседателката на ЛК, Старделова-Гривчева не застана тука, па испрати реакција и до Советот на честа, бидејќи таа и нејзините колеги биле многу навредени и повредени.

Не разбирам од што? И во двата текста убаво е наведено дека станува збор за хирург, кој многу години работи под дејство на алкохол. Во ниту еден момент не се споменати лекари и медицински персонал, кои чесно и професионално си ја вршат работата. Нели ги има и вакви, и такви, таа најубаво го знае тоа.

Ако претседателката на Лекарска комора толку е засегната, требало да оди во битолската болница и да провери што се случува, а инаку извештајот за познатиот лекар-хирург го има и во системот „Мој термин“. Тоа сигурно поубаво го знае од мене.

Инаку, мора да ѝ потенцираме дека ние не пишуваме напамет, па така постои документ и тоа јас би рекла доста страшен документ – медицински извештај, во кој се потврдува во каква состојба е самиот лекар, а и колку е опасен за пациентите.

Ама, очигледно тоа, доктор Старделова-Гривчева не ја интересира, туку ние сме го навредиле белиот мантил и целата лекарска фела зашто сме кажале дека е пијан.

Воопшто не би реагирала да беше барем малку во право. Ама, неправедно да ме обвинува е нешто на што нема да премолчам.

Прво, затоа што лекарите и медицинскиот персонал секогаш имале поддршка од „Фокус“, ама да се разбереме чесните, професионалните и стручните лекари. Додека, сите оние што се пијани и го ставаат животот на пациентите во опасност, корумпираните и нестручните, секогаш ќе завршат на страниците на „Фокус“, со оглед на тоа дека јавниот интерес е пред сѐ. Поточно, животот на пациентите е пред сѐ.

Ако некој мисли дека ова ќе нѐ спречи да пишуваме, за сите оние што директно го загрозуваат здравјето на пациентите, се излажале. Како што реков, јавниот интерес пред сѐ.

Со оглед на тоа што доктор Калина Старделова-Гривчева, во својата реакција тврди дека сме известувале сензационалистички, јас би рекла ние сме повеќе од коректни во однос на тоа со што располагаме и за каков хирург станува збор. А, тие треба сами да подразмислат што и зошто бранат?

Ама, во Лекарската комора и тие што дале налог за ова, а и тие што го составиле, прво требало да испитаат, па може и на нив ќе им дале да го прочитаат страшниот медицински извештај од психијатар за да видат колкава опасност претставува самиот доктор за пациентите, па тогаш нека се ресфрлаат со квалификации. Мене тоа не ми е сензационалистички, туку страшно.

Ако претседателката на ЛК искрено се залагаше за тоа што го направи, разбирам, ама да брани пијан хирург, за што постојат страшни документи, е повеќе од жално и разочарувачки. Па, плус да тврди дека сите лекари биле ставени во ист кош.

Затоа „Фокус“ ќе се обрати до сите надлежни институции, МВР, ДСЗИ и во Министерството за здравство и ќе ги предаде документите затоа што ако не го направиме тоа, и ние стануваме дел од „екипата“, која молчи и брани нешто што не е за бранење. Тоа ни е должност како медиум.

Инаку, по допрен глас и тие требаше сами да реагираат, барем чисто да проверат – кој е тој хирург, за кој директорката Ивановска и претседателката на Лекарска комора толку се засегнати?

Јас секако ќе ги доставам документите до сите институции.

Поврзани новости