Новоизбраната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска истакна дека ќе работат одговорно, транспарентно, професионално и законито.
Во изјава за медиумите рече дека новиот состав на Комисијата ќе се залага да се развие општествената и личната свест за корупцијата која, рече, е тешка болест што го попречува владеењето на правото, демократијата и остварувањето на човековите права.
-Таа ја руши стабилноста на институциите и ги продлабочува и ги руши моралните корени во нашето општество, присутна е сè повеќе секојдневно, а граѓаните во отсуство на систем на вредности и систем на интегритет, сè повеќе ја толерираат и ја прифаќаат како начин за остварување на своите цели. Сметам дека ние треба да ги воспоставиме овие системи што ни недостигаат, да ја развиеме општествената и личната свест на начин што ќе работиме одговорно, транспарентно, професионално и законито, рече Ивановска.
Покрај неа, во Комисијата членуваат и: Владимир Георгиев, Софка Пејовска-Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Салаи Шемши. Попладнево во Собранието на Република Македонија тие дадоа свечена изјава откако претходно беа избрани на пленарна седница со 65 гласа „за“, 10 воздржани и ниту еден глас против.
Новите антикорупционери имаат мандат од пет години, а согласно со новите овластувања ќе го следат и претстојниот изборен процес во делот на финансирање на политичките партии.