Претседателе, сакам отворено да Ви поставам неколку прашања, па на самиот почеток Ве прашувам: Реално, во која држава Вие живеете?

by lali

Каде Вие господине претседателе живеете? Која е вашата реалност? Со што се занимавате и од каде црпите вакви бесмислени заклучоци дека младите остануваат во Македонија поради стабилната економија?

Еве, ајде да зборам доследно и пак Ве прашам, во чие име Вие ова го кажувате? Сигурно не го кажувате во името на повеќето 200 000 отселени млади лица во последните неколку години? Но, ајде и нив да ги отфрлиме од заклучокот дека не се тука, не се во Македонија, па и не спаѓаат во групата на млади за која Вие со гордост ја преставувате низ светот. Најсериозно, сте размислиле ли за кои млади зборувате? Сигурно не само за оние 40 учесници од школата за млади лидери, која ја имате оформено и со гордост ја организирате? Но и таа ако се води според Вас како модул лидер, тогаш… што да речам, а да не заплачам!

Претседателе, дали реално знаете како функционира младиот живот во Македонија, барем во поголемиот дел? Дали знаете низ што сѐ треба да помине еден млад човек за да се изгради како независен, како образован и како своеумен зрел човек, зборови кои додека Ви бев студент Вие постојано ни ги повторувате на нас, студентите, дека секој мора да биде независен, достоинствен и да застане позади она кое го бара, без поклекнување на притисокот, да биде доволно силен за да стои сам,  да биде доволно свој за да стои одвоено, но и да биде доволно мудар за да застане заедно до другите кога е потребно(?)

Вон фактот дека Вие како претседател ништо од ова не применивте, жално е што и скоро ништо од ова не е имплементирано во животот на нашата младина. Па, наместо да работите на тоа за кое го проповедавте како професор, Вие пред светската јавност ми читате излузии. За апсурдот да биде поголем, вашите тврдења кои покрај што не се барем малку приближни до вистината, тие напротив се строго спротивни со неа. Не знаете ли дека Македонија е лидер во Европа по бројот на невработени млади лица, а скоро половина од младите сакаат да ја напуштат Македонија? Сигурно знаевте, но што ли Ве има спречено тој факт јавно да го протолкувате и да се обидете да го промените?

Првиот мандат Ви помина незабележано, бевте продолжена рака на власта, но веќе кога сте свесни дека нема да има трета шанса, нели мислите дека навистина може да покажете интегритет, независност и лидерство во функцијата која ја преставувате? Да оставите белег во реалноста, да учествувате во решавањето на вистинските проблеми и да се обидете навистина да го решите проблемот на младите во државата која постепено, сигурно и (не)свесно ги брка од себе. Време е да покажете дека сте лидер што знае да води и да следи, што знае да носи одлуки, што знае да ги спроведува и што стои позади нив. Дури и кога тие не се продуктивни и кога тие се погрешни, одговорноста да ја преземе и со таа одговорност да се сноси и да се обидува да се поправи. Лидерот не се откажува од одговорност, учи од себе и од своите грешки и делува различно од претходно.

Па, затоа почитуван претседателе Иванов, оставам на Вас да размислите и да одлучите дали сакате да бидете клучот на вратата за иднината на младите во Македонија, или сакате да останете привезокот на клучот од катанецот на истата?