По две години судење за „Ровер“ се појави пиштол, ама и тој не бил вистинскиот?

by fokus 17:01
17:01

Цели четири часа, наместо во судница, Љубе Бошкоски во ходник чекаше да заврши судскиот процес „Ровер“, на кој одбива да присуствува веќе три рочишта.

На почетокот на денешното рочиште уште еднаш го повтори својот став, по што судијата му го одзема зборот и го испрати во ходник.

- Advertisements -

-Јас како правник го почитувам судот и судската власт, но не можам да признаам совет кој се повеќе навлегува и се дави во живиот песок. Кога на судијата му порачав дека до година ќе заврши во „Идризово“, сакав да кажам дека вам судијо, ќе ви се мери со истата мерка со која што денес вие мерите. Ќе биде тоа судење, во некоја уште поголема судница, бидејќи оваа е мала да ги собере сите кои учествуваат во овој монтиран полициско- политички процес, истакна Бошкоски, кој додаде дека не сака да го гледа, како што рече, „судскиот Монти Пајтон“.

По неговото отстранување од судница, судијата пред сите присутни, презентираше пиштол, со кој наводно било извршено двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Овој пиштол, за прв пат, по повеќе од две години, откако старуваше случајот „Ровер“, беше донесен и презентиран во судница.

Сепак, ситуацијата со неговото појавување се замрси уште повеќе, бидејќи обвинетиот Ивица Ристиќ, истакна дека тоа не е пиштолот што бил оставен кај него, а подоцна и доставен во полиција. Имено, Ристиќ, досега пред судот има изјавено дека во 2001 година, веднаш по извршувањето на убиството, во неговата кафеана дошла една група на луѓе кои оставиле пиштол „црвена застава“ и му рекле да го фрли. Но, тој подоцна го дал пиштолот на неговиот зет, кој, пак, го однел во полиција. Денеска Ристиќ категорично тврдеше дека тоа не е истиот пиштол.

Иако судењето за „Ровер“, е вратено од почеток, по одлуката на Апелација, се уште не е познато со колку пиштоли било извршено двојното убиство. Во првостепената пресуда се наведува дека убиството го извршиле тројца извршители со три пиштоли, но неколку реченици подолу, пишува дека Тушевски и Јанев биле усмртени со два пиштоли!? Сега, пак, во судница се презентираше само еден, кој според тврдењето на еден од обвинетите, не е вистинскиот.

На денешното рочиште беа сослушани и тројца сведоци, кои на првичното судење беа обвинети, но обвинителката се предомисли и го повлече обвинението. Сите тројца, како вработени во одделението за сузбивање на организиран криминал, појаснија дека критичната вечер биле на лице место на убиството, бидејќи имале наредба да го следат Тушевски. Едниот од нив, бил дури и директен сведок на убиството, па според неговото сведочење, двете жртви биле застрелани од две-три маскирани лица. Сите сведоци истакнаа и дека никој не им вршел притисок да сокријат детали за тоа што го виделе на терен. Истакнаа дека се што виделе, раскажале на работното место кога се вратиле во базата.

Случајот „Ровер“ и понатаму продолжува без официјална информација дали првообвинетиот Предраг Чубрило е починат или не. Исто така недостапни за македонските органи се и останатите  српаки државјани Милан ИлиќМилорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ.

Според првостепената пресуда, која падна на Апелација, Бошкоски беше осуден на 12 години затвор, две години помалку доби Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Според пресудата на Кривичниот суд, Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски и Јанев. Наводно ветил дека нема нема да поведе истрага за убиството, и ќе им помогне на извршителите да избегаат. Но, овие тврдења паднаа во вода, откако Апелација одлучи дека првостепената пресуда е нејасна, односно дека судот не утврдил умисла кај обвинетите, а ниту пак презентирал доволно докази

 

Поврзани новости