Деан Бадаревски од „Софа студио“ – Скопје ја доби првата награда во изборот на најуспешни претприемачи за 2016 година во категоријата мали претпријатија , а втората награда на Васко Брдаровски од „Евросуровина ПА“ – Битола.
Првонаграден во категоријата на микро претпријатија е Хашим Хасани од „Хотел Скардус“ – Тетово, а втората награда ја доби Биљана Кукловски од „Чоко авијаторс“ – Скопје.
Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2016“ е направена врз основа на податоците од Централниот регистар на РМ. Педесет и шест микро и мали претпријатија, во периодот од 2013 до 2015 година, имаат реализирано раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции.
„Во услови на двегодишна политичка неизвеснот, надворешни влијанија на мигрантската криза, како и потешкотиите во економиите на соседните земји, многу е важно да ги поздравиме компаниите кои три години по ред континуирано бележат раст со што успеаја да влезат во категоријата на најдобри мали и микро претпријатија“, изјави на доделувањето на наградите претседателката на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска.
Главни организатори на „Претприемач на годината 2016“ се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Коорганизатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија.
На манифестацијата „Претприемач на годината“ во изминатите десет години се наградени 40 претприемачи, а Министерството за економија додели вкупно шест специјални награди. Идејата на организаторите е да се поттикне претприемачкиот дух, преку промоција на успешни примери.