Пресудата за „Таргет- Тврдина“ без Бошковски и Грујевски кои добија азил во Грција

by Fokus

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој иако три дена беше недостапен, денеска, сепак, во Северна Македонија ќе ја чуе пресудата за „Таргет- Тврдина“, за разлика од Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои за одлуката на судот ќе дознаат додека се наоѓаат стотици километри јужно од границата, односно во Грција каде што побегнаа за да избегнат притвор, но и веќе добија азил, јави дописничката на МИА од Атина.

На екс- началникот на Петтата управа Горан Грујевски и неговиот соработник Никола Бошковски кон средината на јули 2017 година им беше одредена мерка притвор во предметот „Таргет-Тврдина“, но откако полицијата не успеа да ги пронајде на 26 јули, беше распишана и потерница.

„Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Фалсификување службена исправа“ се делата за кои се бараше Грујевски додека Бошкоски за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Фалсификување службена исправа“.

Три месеци им се загуби трагата и никој не знаеше каде се наоѓаат, кога на 18 октомври истата година, беа уапсени во Солун, но не поради потерницата, туку поради фалсификуваните пасоши, по што се одмота клопчето, се откри нивниот вистински идентитет, се одржаа повеќе рочишта во Солун и Атина, за грчкиот Врховен суд во мај 2018 година да го отфрли македонското барање и да не дозволи екстрадиција.

Во однос на тоа кога и како влегле во Грција, извори од грчката полиција тогаш објаснија дека од моментот кога постои меѓународна потерница и лицата се уапсени, тогаш случајот од полицијата оди во рацете на судовите, и не се спроведува дополнителна истрага.

Пред обвинителот надлежен за екстрадиции, според тогашните информации, рекле дека се високи службеници на техничката служба во Министерството за внатрешни работи, ги негирале обвинувањата, потенцирале дека не сакаат да бидат екстрадирани во нивната земја, бидејќи се плашат за нивните животи, а рекле дека станува збор за политичко гонење.

Токму поради овој исказ, по искуството од минатото со слични случаи, но и за да го забават процесот на екстрадиција, добро упатените во вакви случаи, тогаш коментираа дека не е исклучена можноста во следниот период да достават и барање за азил, нешто еден месец подоцна се потврди и во пракса.

Во конкретниот случај со двајцата уапсени, во Грција се постапуваше по два различни и меѓусебно неповрзани процеси. Едниот за фалсификуваните пасоши за кои надлежен беше судот за прекршоци, другиот процес за кој првично одлучуваше Совет на судии беше по издадената потерница од Интерпол, кој започна откако од нашата земја беа доставени документите, заедно со барањето за екстрадиција.

Грчката новинска агенција тогаш објави дека во улога на прв сведок, бил сослушан адвокатот Петар Василев, кој рекол дека ако се одобри екстрадиција, ќе бидат во опасност животите на Грујевски и Бошковски, дека нема да имаат праведно судење, но и дека не извршиле ниедно дело за кое што се товарат.

Нивниот адвокат во Грција, Костас Хаѕијоану, за солунскиот портал „Вориа“ рече жалбата за Горан Грујевски е на 75, а за и Никола Бошковски на 65 страници и истакна дека советот на судии, не било изводливо за ден и пол, да ги видат сите аргументи и целата документација на 17.000 страници.

Со поднесената жалба, процесот се префрли во Врховниот суд во Атина, каде што се одржаа пет рочишта во период од три месеци, сите во присуство на двајцата обвинети.

Амнестијата од тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше причината Врховниот суд на Грција, на 18 мај 2018 година да го отфрли македонското барање за екстрадиција на Грујевски и Бошковски.

 

Поврзани новости