Преродбениците со вили и апартмани го освојуваат Халкидики

by Фокус

Текстот е објавен на деветти септември 2011 во неделникот „Фокус“ во бројот 845  

Пишувала
Славица ДУЉАНОВА

Вака или онака, изгледа дека преродбенициве смислија стратегија како да ја совладаат Грција и да нè куртулат од дведецениските маки и кавги со нашиот јужен сосед, за тоа чија е Македонија – македонска или грчка. Македонија не е грчка, но сè поизвесно е дека Грција, барем нејзиниот популарен северен дел, парче по парче, станува македонска. Поточно, преродбеничка и патриотска. Преродбениците почнаа нагло да купуваат имоти во Грција, бидејќи ги чешаат парите, а и стратегијата е таква – дел по дел да си го лапнеме егејскиот дел на Македонија.

Шега на страна, но недвижниот имот во Грција во последно време стана многу атрактивен и за поскромните македонски граѓани. Се разбира, не за сите. Но, ако порано во оваа соседна земја имоти можеа да купат само богаташите, сега ваквиот луксуз може да си го дозволат и македонските граѓани од средната класа. Пред неколку години во Грција можеше да се купи недвижен имот само со бугарски пасош. Тоа се правеше преку агенциите за недвижности во Грција, со претставништва во Солун. Поради тоа што и градежните компании кои ги градат објектите се стационирани во овој град. Продажбата се реализираше со одобрение од грчкото Министерство за одбрана, заради безбедноста, оти тој реон покрај морето се води како пограничен.

Сега во агенциите, македонски државјани нудат вили и станови во Солун, Костур, Воден… Сопственици на овие имоти се фирми на нашинци регистрирани во Бугарија, или Македонци со бугарски пасоши, оти до неодамна грчките закони дозволуваа недвижен имот во оваа земја да купуваат само државјани на земјите од Европската Унија. Но, од пред неколку месеци, сè се промени. Во Грција се донесе закон, со кој сопственици можат да бидат и граѓани на земји кои не се членки на ЕУ. И – јагмата почна!

ЛЕСНО СЕ КУПУВА, СИГУРНО СЕ НАСЛЕДУВА

Додуша, македонските граѓани сè уште не можат да купуваат недвижен имот како индивидуални лица, туку само преку фирма. Постапката е релативно едноставна. Македонскиот државјанин прво отвора фирма во Грција, на пример компанија која е регистрирана дека ќе се занимава со градежништво и е заинтересирана да изгради хотел. Се купува земјиште, се прави нотарски договор, се добива даночен број, а во грчкиот катастар се заведува на име на фирмата која претходно е регистрирана  во оваа земја. Се склучува договор и со тој договор се бара дозвола за градба. Како ќе се изведува градбата, дали компанијата ќе носи работници од Македонија или ќе ангажира од Грција, останува да одлучи сопственикот на фирмата.

Познавачите на состојбите во Грција велат дека во оваа соседна земја оставинските постапки се многу добро решени. Доколку се продава некој имот, согласност се бара од сите членови на семејството, за потоа следниот сопственик да нема никакви проблеми со семејството од кое го купил имотот. Се плаќа данок на земјиштето, 15 до 20 отсто, во зависност од тоа во која зона е тоа. Но, не се плаќаат комуналии.

Интересно е што луѓето кои се занимаваат со препродажба на ваквите имоти, барале од купувачите да кажат на која религија припаѓаат. Наводно, доколку купувач со исламска вероисповед сака да купи имот во Грција, вратите на агенциите кои посредуваат за ваквиот бизнис му се затворени. Никаде во грчките закони нема напишано забрана за муслиманите, туку станува збор за непишано правило, кое наводно го практикувале вработените во агенциите за недвижности во северниот дел на Грција. Истото правило наводно  важи и за луѓето кои имаат потекло од егејскиот дел на Македонија. Македонците по потекло од овие краишта можат да бидат сопственици на имот во Грција, само ако извадат грчко државјанство.

Како и да е, интересот за купување недвижен имот во Грција сè повеќе расте, велат од агенциите за недвижности. Во некои делови од северна Грција, цените на земјиштето, па и на објектите, дури и во близина на морето (секако, со исклучок на т.н. прва линија, веднаш до морето), се изненадувачки прифатливи за македонски прилики.

НА КРИОПИГИ ХАЦИЕНДА ДА ИМАМ…

Низ чаршијата во Скопје се зборува дека висок функционер од власта, на раководна функција во МВР, преку својот телохранител се интересирал за купување луксузна вила покрај море. Не е познато дали е склучена зделката. Но, со сигурност се знае дека скапа хациенда во близина на Криопиги, на првиот крак Касандра на Халкидики, токму на самиот брег, наводно си купил сопственик на една наша телевизија. На големо се шушка дека актуелен градоначалник од владејачката партија купил вила по цена од околу  половина милион евра во близината на Платамона, под Олимп. Сопственик на кабелски оператор во Македонија, пак, наводно веќе поседува луксузен апартман во истото место.

Инаку, за првиот крак на Халкидики, Касандра, се зборува дека е најатрактивен за нашите богаташи, а со тоа е стеснет и изборот, додека цените се највисоки. Деновиве кај сите интернет огласувачи се врти оглас на извесен битолчанец, кој продава куќа со вкупна површина од 500 метри квадратни и дуќан од 60 квадрати на 3 километри оддалеченост од Калитеа на Халкидики, за цена од половина милион евра. Станува збор за мини хотел со десет студија и апартмани. Барем така пишува во огласот, а во прилог стои и фотографија од објектот.

Цените на вилите на првиот крак се движат од 1.200 до 2.000 евра по квадрат, во зависност од локацијата и градбата. Становите и апартманите кои се во градба може да се најдат по многу пониска цена. Така на пример, примамлива е понудата за апартман во градба во Полихроно, бидејќи 45 квадрати се продаваат по цена од 50.000 евра. Според понудата, апартманот е оддалечен 80 метри од плажата. Ова е понуда што несомнено привлекува и луѓе од средната класа, а неодминлив е впечатокот дека ваква поволна понуда е реткост и за Охрид, на пример.

Посредувачите во бизнисот на недвижнини велат дека најповолна цена објектот има кога е во градба. Сега многу попаметно и секако многу поевтино е да се купи земјиште во Грција, кое се движи од 20 евра за метар квадратен во внатрешноста, до 500 евра за квадрат покрај самото море. Најпримамлива понуда во моментов е земјиште во близина на Калитеа, оддалечено 40 метри од плажата, со површина од 10.500 квадрати, кое се продава по 300 евра за квадрат. Плацот може да го испазарат повеќе купувачи, оти земјиштето може да се расцепка.

Од агенциите велат дека има најави дека во иднина индивидуални лица од Македонија ќе можат да купуваат имоти во Грција, но не знаат како би се регулирало тоа во грчкиот катастар, оти не ни го признаваат името. Наводно, имало опција да нè запишат со кратенката ФИРОМ.  Во секој случај, интересот е голем и за купување, но и за продавање, бидејќи кризата во Грција ги стави нејзините граѓани во незавидна положба.

АКО МОЖЕ АРМАНИ, МОЖЕМЕ И НИЕ!

Данокот на луксуз им го скрати луксузниот живот на многу луѓе во Грција. Покрај зголемувањето на цените на  основните прехранбени производи, алкохолот и цигарите, даноците се зголемија и за луксузните автомобили, за недвижностите и за јахтите. Видни личности од Грција, актери, пејачи, телевизиски водители, бизнисмени и брокери кои инвестирале на берзата, гледаат да се ослободат од имотите, со цел да ги отплатат хипотеките, или, пак, само за да куртулат од големите давачките кои ги наметна државата, поради економската криза.

Медиумите од соседството пренесуваат дека грчките агенции за недвижности имаат полни раце работа, преполни се со понуди од луксузни вили, куќи и станови во најскапите делови на Атина, на Халкидики, но и на островите како Санторини и Родос. Цените на недвижностите паѓаат, поради тоа што понудата е поголема. Имотите што се на располагање, според грчките агенции, се луксузни вили или куќи во најскапите населби во Атина, а цените во населби се намалени од 10 до 30 отсто во споредба со претходните години.

Така, вила која некогаш чинела 2 милиони евра, сега се продава за 1,2 милиони евра. Многу странски државјани, и тоа славни личности, купија недвижности, па дури и цели острови во Грција. Така, на пример, легендарниот италијански дизајнер Џорџо Армани минатата година го купи грчкиот остров Скорпиос, за 190 милиони долари, сопственост на починатиот грчки магнат Аристотелис Оназис. Тогаш интерес за островот покажаа и Бил Гејтс, Мадона и Роман Абрамовиќ.

Неодамна слушнавме за турскиот бизнисмен Фикрет Инан, кој преговара за купување на шест грчки острови – Лихнари, Калциниси, Микри Аморгос, Кардиотиса, Наусика и Вувало. Тој планира да изгради хотелски комплекс и да воспостави врска со фериботови до турскиот брег. Турскиот бизнисмен смета дека за купување на грчките острови ќе му требаат најмногу 20 милиони евра, а подготвен е да инвестира уште 80 милиони за изградба на хотелски комплекси. Тој им порача на турските бизнисмени да го следат неговиот пример и да почнат да купуваат острови во Егејското Море, заради полесен пристап до Европа. Но, ова секако не е лош пример и за нашите бизнисмени, а богами и за власта, која потроши грдни пари за споменици, наместо ете, за тие пари да ни купеше барем едно островче во Грција!

Додека не навалиле Русите, Србите и останата белосветска сиромаштија.

Поврзани новости