Обвинителот и лекарот мртвопроверител кои биле на местото кадешто беше најдено мртвото тело на дваесет и петгодишниот струмичанец кај местото викано Ореш, во атарот на струмичко Ново Село немаат елементарни познавања од судска медицина и донеле преран заклучок дека кај лицето настапила насилна смрт, односно дека бил убиен, велат од Институтот за судска медицина.
Тие излегоа со соопштение по сомнителните и различни информации во јавноста за најденото мртво тело во струмичко за кое се ширеа гласини дека се работи за убиство пред да биде завршена обдукцијата.
Оттаму детално објаснуваат што се случувало откако било најдено телото и тврдат дека обвинителот без никакви консултации наредил реобдукација на телото. Телото според официјалните информации е пронајдено на 7 јуни околу 19 часот. Увид на местото извршиле службени полициски лица и јавен обвинител од ОЈО Струмица.
При увидот телото било прегледано од страна на лекар мртвопроверител. Телото истата вечер било донесено на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија за извршување на судско медицинска обдукција, а следниот ден обдукцијата била завршена.
-Обдукцијата е направена по сите светски стандарди од двајца специјалисти по судска медицина. За време на обдукцијата беше земен биолошки материјал за извршување на токсиколошки анализи и изолација на ДНА профил.
При соопштување на првичните резултати од за нас непознати причини јавниот обвинител нареди да се задржи телото на Институтот за да потоа без никакви консултации со нас нареди да се направи реобдукција од три вешти лица. На 10.06.2022 година направена е реобдукција од тројца специјалисти по судска медицина. Резултатите од обдукцијата и реобдукцијата се идентични односно нема никакви спротиставени мислења на вештите лица, соопштуваат од Судска медицина.
Според нив, оваа одлука на обвинителството веројатно се темели на недовербата кон Институтот и вербата во погрешните информации добиени од страна на мртвопроверителот односно непрофесионалниот изведен заклучок за причината и начинот на смртта формиран врз основа на надворешен преглед.
-И двајцата не се едуцирани ниту пак имаат знаење да толкуваат повреди и промени особено кога се работи за тело кај кое постојат развиени трулежни промени. Причината наведена во наредбата за реобдукција (неутврдена причина за смрт веднаш по завршување на обдукцијата) покажува дека ОЈО и колегите кој го прегледале телото немаат елементарни познавања од судска медицина, познавања кој треба да ги има секој обвинител за да може да работи на случаи од ваков тип и познавања кој треба да ги има секој лекар за да може да изврши преглед на мртво тело. Особено не ни е јасно како може истата вечер да излезат информации во јавноста дека се работи за убиство пред воопшто да биде започната обдукцијата, велат од Институтот.
Оттаму објаснуваат дека причина за смрт претставува онаа основна повреда или болест која го иницирала ланецот на промени кои завршуваат со смрт. Во најголем број на случаи причината за смрт се одредува веднаш по завршување на обдукцијата.
Во одреден број случаи потребни се дополнителни испитувања и анализи кои ќе помогнат во донесување на заклучокот за причината за смрт.
-Затоа обвинителството треба да биде во постојана комуникација со лекарите од Институтот кои се единствени меродавни во давање на причина за смрт и толкување на промени на тело особено кај тела кои се со развиени трулежни промени. Кога ќе се дојде до причината за смрт тогаш обвинителството врз основа на сите собрани информации донесува одлука за начинот за смрт, односно ако се работи за насилна смрт дали е убиство, самоубиство или несреќен случај.
Во конкретниот случај врз основа на погрешно толкување на промени на телото од покојниот донесен е преран заклучок во врска со начинот за смрт пред воопшто да се добијат информации од наодот од обдукцијата било за причината за смрт или пак токсиколошките наоди.
На Институтот за судска медицина во тек се токсиколошките испитувања на земениот биолошки материјал. Штом ги добиеме резултатите од токсиколошките испитувања надлежниот обвинител ќе биде известен за причината за смрт, се вели во соопштението на директорот на Институтот, Александар Станков во име на стручниот колегиум.