Се уште нема конечно решение за хигиенските услови во училиштето „11 Октомври“ откако ученици се пожалија на здравјето со симптоми на труење. Се разбира дека политиката која е длабоко вмешана во образованието дополнително придонесува случајот да се провлекува.
Седницата на училишниот одбор траеле со часови, но решение не било најдено. Откако помина речиси цела седмица конечно наставниците и родителите седнаа да се договорат како да се подобрат условите во училиштето, па дури и ако е неопходно да има разрешување на директорката Даниела Костадинова.
Родителите на средбата покажале револт од хигиената во училиштето и прашале како можела да исчезне па да се појави излезната книга за фактури на училиштето? Тие негодувале со условите и со непреземањето мерки. На крајот седницата е прекината без да се донесат заклучоци.
Во меѓувреме градоначалникот на Центар, Жерновски, со заклучок од советот на општина Центар е задолжен да ја утврди одговорноста на директорката и да ги преземе неопходните чекори. Советот го задолжи градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, да ја утврди личната одговорност на директорката на училиштето Даниела Костадинова, за нанесената штета по здравјето на учениците во училиштето и да донесе соодветно решение согласно член 133, став 2, алинеја 3 од Законот за основно образование.
За заклучокот не гласаа советниците од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ, кои во расправата застанаа во одбрана на директорката, посочувајќи дека во училиштето нема проблем, дека тоа добро функционира, а за состојбата во училиштето ги обвинија децата, родителите, топлото време, кучињата, општинската администрација и градоначалникот на општината. Во дебатата тврдеа дека труење немало.
Коалицијата предводена од СДСМ побара директорката да не си поигрува со интелегенцијата на советниците и на јавноста бидејќи, како што посочила директорката, сите се виновни, освен таа. За нив, таа е незаконски поставена, бидејќи од 9 члена на училишниот одбор, имало 10 гласа за нејзиниот избор.