Од Комисијата за заразни болести денеска излегоа со препорака за привремена евакуација на ранливото население од поплавените подрачја. Освен што во моментов на тие места нема услови за живеење, велат дека евакуацијата дека ќе помогне и за побрзо санирање на домовите и нивна дезинфекција.
Ова се однесува посебно за деца до 14-годишна возраст со нивните мајки, за инвалиди, бремени жени, неподвижни лица, хронично болни и лица над 70-годишна возраст.
„На овие луѓе им се препорачува ако имаат можност, тогаш привремено да престојуваат кај роднини или познаници надвор од подрачјата опфатени со поплавите, а доколку немаат таква можност, да се пријават на контролните пунктови во населените места Сингелиќ и Стајковци, со цел нивно сместување во соодветни објекти. Станува збор за препорака за привремено превентивно напуштање на домовите од околу десетина дена до комплетното расчистување на теренот во поплавените подрачја и обезбедување соодветни санитарно-хигиенски услови за живеење. Оваа препорака е во согласност со политиките и стратегиите на меѓународните организации за справување со поплави и заштита на здравјето на ранливите групи. Не се употребува зборот евакуација, за луѓето да не се исплашат и да не помислат дека се шири некоја зараза“, рече вчера д-р Јованка Костовска, раководител на превентивниот сектор при Министерството за здравство.
Во загрозеното подрачје се зголемува ризикот од зарази, па на терен од вчера се вклучени и инфектолози, ендокринолози и кожни лекари.