Препораки до граѓаните за однесување при насилни протести

by Фокус

Низ социјалните мрежи се сподедуваат препораки за однесување на граѓаните за време на денешниот протест кој почнува во 18 часот пред Владата, а кој се надоврзува на вчерашните масовни демонстрации кои ескалираа со насилство на полицијата врз граѓаните.

Граѓанските активисти, кои ги изработија насоките, препорачуваат граѓаните да не седаат на улица кога полицијата се движи кон нив затоа што во таквите случаи синоќа неколку демонстранти биле прегазени.

Насоки за однесување на граѓаните при насилни протести
Не ги носете вашите деца на протестите;
Не ги носете вашите миленици на протестите;
Не ги носете вашите велосипеди на протестите;
Дојдете со наполнета батерија на мобилнниот телефон;
Дојдете најадени;
Со вас носете вода и доколку сте во можност, половина литар млеко;

Насоки за заштита на личната безбедност при насилни протести и судири со полиција
Избегнувајте судири со полицијата. Немојте да влегувате во лични конфронтации со поединечни полициски службеници (пцуење, плукање и сл.);

При судир на протестантите со полицијата, обидете се да останете смирени и повлечете се кон задниот дел на групата;

Кога групата или полицијата се движи, НЕ СЕДНУВАЈТЕ НА ЗЕМЈА;

Кога полицијата применува сила или приведува, не се повлекувајте во затворени простории (влезови, читални, кафулиња и сл.) и тесни улички. Повлекувајте се на отворен простор, каде нема полициско присуство. Не се двојте од групата.

Во случај на стампедо, трчајте со рацете испружени напред во висина на градниот кош. Доколку забележите дека некој пред вас паднал на земја, викнете гласно „ПАЗИ“ и обидете се да го/ја подигнете без да изгубите од брзината на движење;

При примена на солзавец, конзумирајте млеко и покријте ги устата и носот со парче ткаенина или облека (маица, марама и сл.);

При примена на сила од страна на полицијата и приведување на граѓани, обидете се да го снимите постапувањето на полицијата, доколку тоа не претставува ризик по вашата безбедност;

Доколку полицијата примени сила врз вас и ве бутне на земја, обидете се да се поставите во позиција на фетус и да го заштитите лицето, главата и вратот. Бидете гласни и викајте „ПОМОШ“ за да го привлечете вниманието на медиумите и на присутните;

Доколку врз вас, или врз некој кој ви е познат (со име и презиме) биде применета сила или бидете приведени, обратете се на тел. 02 3119 073 и 078 252 812 за бесплатна правна помош од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

Поврзани новости