Шилегов: Груевски по втор пат се обиде да ја убие вистината за случајот Мартин Нешкоски

by Фокус

Најостро ја осудуваме нарачаната бруталност и пречекорување на овластувањата на полициските структури на Никола Груевски и Сашо Мијалков врз граѓаните на Република Македонија, не само на ова место, пред владата, туку и низ улиците на главниот град. Беше очигледно дека неколку минути пред 22:00 часот, власта ги собра полициските и параполициските структури пред зградата на владата и испровоцира судир со граѓаните. Ова денеска го истакна портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, за синоќешните инциденти што се случија на протестот пред Владата.

-Се уште не се знае бројот на претепани, повредени, и приведени граѓани. Полициските структури, по нарачка на Груевски, тепаа млади, студенти, жени, недолжни граѓани. Приведени беа дури и граѓани кои што мирно седеа на улиците со кренати раце. Целата оваа операција, за употреба на безмилосна сила врз граѓаните, е смислена во домот на Никола Груевски во којшто вчера, во попладневните часови, пристигнаа Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер. Потоа, нарачаниот план е задолжена да го спроведува Гордана Јанкулоска, која од лице место, пред зградата на Владата, командуваше со насилството врз сопствените граѓани, истакна Шилегов.

Тој додаде дека со вчерашната наредба да се употреби сила врз народот, на протест на којшто граѓаните искажаа револт против криењето на убиството на Мартин Нешковски, Груевски по втор пат се обиде да ја убие вистината за овој случај.

-Целосната одговорност за безмилосното тепање на граѓаните е кај Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и нивните извршители во структурите на МВР. Никола Груевски избра како ќе си замине. Со вчерашната брутална полициска акција Никола Груевски го избра патот на тепање на сопствените граѓани, по примерот на диктаторите како Милошевиќ, Чаушеску, Лукашенко, рече Шилгов, кој ја поздрави храброста и одважноста на граѓаните.

Тој ги повика граѓаните своето незадоволство да го изразат преку мирни протести, да не подлегнуваат на провокациите на власта.

-На крај дозволете да го повикам и Горан Петрески, главен и одговорен уредник на МРТВ, кој што и самиот своевремено протестираше пред владата, да престане да ги штити насилниците на власта во заминување, истакна Шилегов.

 

Поврзани новости