Преписка (1): Кој, зошто и во чиј интерес го „затвора“ таканареченото „Егејско прашање“?

by Фокус 12:40
12:40

Пишуваат
Никола КОСТУРСКИ и Александар ЛИТОВСКИ (активисти за македонски национални права од Битола)

По 33 години традиционално среќавање на Македонците од Егејскиот дел со своите роднини, пријатели и сонародници од другите делови на Македонија, сега, денес, оваа 2014 година таа традиција е згасната! И тоа е непореклив и неизбришлив факт! Сите соопштенија и образложенија нема да го сменат тој факт! И сите оние кои учествувале во организацијата на „убиството“ и на „погребот“ на оваа македонска национална манифестација нема да останат незабележани од судот на историјата на македонскиот народ!

Формално, средбата згаснува по договор меѓу Матицата на иселеници од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, Сојузот на Македонците од Егејот-Македон и Светскиот македонски конгрес, а истиот тој договор е постигнат, како што известија медиумите, под „покровителство“ на градоначалникот на општина Битола! Според договорот, се прави обединување на манифестациите „Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија“ и „Светска Македонска иселеничка средба“ што секоја година се одржуваат во битолското село Трново.

- Advertising -

Формалното објаснување дека тоа се прави за „обединување на Македонците“, односно тврдењето на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески дека „досега со право ни забележуваа дека зборуваме за обединување, а организиравме две манифестации, отсега ќе имаме една манифестација“, фактички, се само безвредни изговори, за да се оправда укинувањето на најстарата и, заедно со „Светската средба на децата бегалци“, најзначајната јавна манифестација на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. За да се сфати колку се провидни ваквите оправдувања, доволно е да се каже дека „потписниците“ не се обидоа да ги „фузираат средбите на Егејците“ што се одржуваат во Штип и во скопски Сарај! Па, добро е јавноста да знае дека токму луѓето кои сега, во кабинетот на градоначалникот на Битола, прават „една манифестација“ пред само неколку години го измислија „пикникот на Егејците во Сарај“ за да ѝ конкурираат на „Егејската средба во Битолско“.

А, кога сакаат да зборуваат за обединување на Македонците во една манифестација, зошто не предложат и не реализираат „фузирање“ на сите национални манифестации во една, да речеме, онаа на Мечкин Камен на Илинден!? Зарем тоа не е нивната „приказна“ за „семакедонското помирување и обединување“!? Толку за формалните лаги и манипулации со употребата на флоскули од типот „една манифестација“ или „обединување на Македонците“!

Првата средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во селото Трново, Битолско, се одржал на 26 јули 1981 година под името Прва леринска средба, а пред тоа се одржуваше и т.н. Буфска средба и некои други „селски“ средби од лица од Егејскиот дел на Македонија. Од 1983 г. средбата се одржува под името одржи пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. И покрај многубројните обиди да се политизира и инструментализира средбата за потребите на политичките партии во РМ, сè до оваа година средбата ја зачува својата самостојност и физиономија на македонска национална манифестација! Иницијативи за „фузирање“ и фактичко укинување на „Егејската средба“ во селото Трново имало уште од 1983 г. Последната беше пред одржувањето на истата во 2013 г. кога градоначалникот на Битола се обрати со писмо до Претседателството на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола, но по спротиставување на мнозинството членови таквата иницијатива беше одбиена, а дотогашниот претседател Пеце Аспровски заради тоа си поднесе оставка!

Одбивањето на „фузијата“ на „Егејската средба“ со „Иселеничката средба“ беше мотивирано од јасната суштинска разлика на двете манифестации! „Егејската средба“ има првенствено македонска национална определба, со интенција да ги негува меѓусебните врски и контакти на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, да ги негува културните карактеристики на Егејскиот дел и да ги пропагира проблемите и обесправеноста на Македонците кои сѐ уште живеат во Егејскиот дел, но и на оние во другите соседни земји каде не ги уживаат основните национални права. За разлика од ваквите цели на „Егејската средба“, средбата на македонските иселеници има основна цел да ги поврзува нашинците раселени во светот и да ги мотивира за нивна економска помош на родниот крај.

Кој не може да ги сфати и увиди ваквите разлики, па го одобрува укинувањето на „Егејската средба во Трново“, е или неинформиран и неедуциран, или е целосно политички заслепен.

Сакаме да укажеме дека укинување на пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во селото Трново има политички и бизнис мотиви. Тоа може да се поткрепи, на пример, со фактот дека официјалните македонски државни власти веќе неколку години наназад не испраќаа свои претставници на самата средба, а активностите на здружението не беа финансиски подржувани. Наспроти тоа, ако се видат годишните програми за култура на РМ, ќе се забележи дека се давани релативно големи финансиски средства за некакви селски здруженија од леринските села, но кои се „на линија“ со политиките на владеачката партија. Минатогодишната лустрација на Никола Костурски, кој беше еден од најагилните членови на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, но истовремено беше и долгогодишен организатор на Средбата и главен противник на иницијативите за „фузијата“, исто така сведочи за очигледните политички мотиви на укинувањето на Средбата.

Преку овој протест сакаме да укажеме дека со фактичкото укинување на пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во селото Трново, се затвора една јавна манифестација која го држеше отворно и живо таканареченото „егејско прашање“, кое фактички е исклучително непријатно за Република Грција. Заради тоа, сосема оправдано се поставува прашањето: Дали со ваквиот чин некој не одработува за интересите на Грција? Впрочем, се грижи ли некој за македонските национални права во соседните земји? Па сите сме сведоци дека последниве години интензитетот на активностите околу македонските национални права во Егејскиот дел (а и во Пиринскиот дел и делот во Албанија) се целосно редуцирани и медиумски неекспонирани. Како тоа пред 33 години се создаваа „егејски“ манифестации, а сега се укинуваат? Дали е тоа патриотски чин?

Затоа, на самиот крај, не само што изразуваме протест заради укинувањето на традиционалната погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во селото Трново, туку и прашуваме: Кој, зошто и во чиј интерес го „затвора“ таканареченото „Егејско прашање“?

Поврзани новости