Преписка (2): Тодор Петров – ниту „егејската средба“ е укината, ниту „егејското прашање“ е затворено

by Фокус

Пишува
Тодор ПЕТРОВ

Светскиот Македонски Конгрес го објавува следното соопштение, како одговор на лагите и обвинувањата.

Никола Костурски и Александар Литовски не се ниту „друга страна“ ниту релевантни за одржувањето на 43. Светска Македонска Иселеничка Средба и на 34. Погранична Средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во битолското село Трново, во една и единствена СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА на ден Илинден, на големиот христијански празник Свети Илија, на 2 август, на Денот на државноста на Македонија!

Постојат релевантни организатори на овие средби, Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, кои оцениле дека во духот на семакедонското обединување, конечно, рационално и историски оправдано е обединување на овие две средби во една и единствена семакедонска Средба, поради што постигнаа договор после 33 години подвојување независно за причините на !расколот“ во 1981 година наместо една две средби една по друга во Трново. Имено, станува збор за две средби кои се одржуваат на исто место и со речиси исти луѓе, за време од пет дена разлика, едната на 27 јули, другата на 2 август.

Врз никој од никого не е вршен било каков притисок, од градоначалникот на Битола или од власта воопшто, сите четири здруженија самосвесно и одговорно заедно решија така како што се договорија!

Градоначалникот на општина Битола нема никаква улога во овој договор, освен што изрази поддршка на барањето на организаторите, градоначалникот на општина Битола да биде покровител на Семакедонската средба, а Советот на општина Битола да ја утврди како јавна манифестација од поширок општествен интерес во Програмата за култура на општина Битола. Зарем градоначалникот на општина Битола не смее да изрази задоволство од договорот на организаторите на двете средби да се обединат во една и единствена Семакедонска средба?

Патем, македонското прашање не може да се решава парцијално и сепаратно, туку универзално и интегрално! Прашањето за положбата и правата на Македонците во Грција и правата и слободите на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година не е прашање само на овие Македонци или само на нивните потомци, иако тие се жртви на оваа голгота, тоа не е само нивна трагедија туку на македонскиот народ во целина! Овој геноцид врз македонскиот народ од 1912 година е во основата на македонското прашање и обврска на сите Македонци заедно!

Токму поради ова, Собранието на државата Македонија, за првпат во историјата на Републиката, на седницата одржана на 27 август 2008 година, донесе „Резолуција за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна“, а „заради последиците од трагедијата на над 80.000 бегалци, од кои 28.000 деца, од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската и Втората светска војна“. Токму поради ова, при Министерството за надворешни работи за првпат во историјата на Републиката се формира Координативно тело за „егејското прашање“, со цел „преземање на сите активности во овозможувањето на бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на Граѓанската војна и Втората светска војна, граѓани на Република Македонија, да ја комплетираат документацијата во функција на институционално и правно заокружено и издржано истапување во процесот на остварувањето на нивните имотни права пред надлежните органи на Република Грција и меѓународните организации.“

За жал, недоволната организација и некоординираност меѓу бројните здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Републиката и во светот, од 1944 година до денес, не придонесе за решавање на прашањата за правата на насилно прогонетите Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни и Граѓанската војна во Грција. Власта во времето на комунизмот тоа прашање го „стави под тепих“.

За жал, живите насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија се сѐ помалку, биолошки поради години умираат, а тоа е целта и на Грција, да останат само нивните потомци кои не се родени во Грција и живеат надвор од Хеленската Република, кои немаат грчки државјанства за да не можат да остварат било какви граѓански, имотни и наследни права во Грција, за да конечно се затвори „македонското прашање“ во Егејскиот дел на Македонија под окупација на Грција од 1912 година. Тие служби досега успешно го манипулираа тој процес… Слично, изумреа речиси сите насилно прогонети Македонци од Егејскиот дел на Македонија во Балканските војни 1912-1913 година и во Првата Светска Војна 1914-1918 година, од кои поминаа 100 години лани, односно годинава… И ним ништо не им се реши од 1944 година.

Обединувањето на овие две средби е само мал придонес во семакедонското обединување на релевантни здруженија на Македонците на глобално ниво, со цел анимација и решавање на овие отворени прашања во Македонија, Грција и меѓународните организации, бидејќи во единството е силата, а во обединувањето е одбраната и акцијата!

За поздравување е, исто така, и „Договорот за соработка, координација и размена на искуства и информации по прашањата и проектите од заеднички интерес“, потпишан меѓу Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на Македонците со исламска религија, на истиот ден како и “Договорот за обединување во една и единствена Семакедонска средба“, на 2 јули 2014 година во Битола.

Не постојат никакви политички и бизнис мотиви за укинување на „Егејската Средба“! Ниту „Егејската Средба“ е укината, ниту „Иселеничката средба“ е укината, напротив и двете средби се обединети во една и единствена Семакедонска средба! Не постојат разлики меѓу насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и иселениците од Македонија, затоа што сите се Македонци, помирувањето и обединувањето е нужност за решавање на македонското прашање во целина!

Таканареченото „егејско прашање“ не може повеќе да биде монопол на поединци без резултати, кои цело време ги елиминираа сите останати во намерата за обединување односно во намерата никогаш да не се постигне договор за единство во акцијата, додека и последните не изумрат, за да останат само нивните потомци кои изгубиле секаква физичка врска со родниот крај на своите родители и прародители, освен останатите спомени во домашните фото-албуми. Затоа и сите релевантни меѓународни организации и властите во Атина досега нѐ третираа несериозно, бидејќи самите раскарани и разединети, не знаевме што воопшто сакаме.

И како одговор на останатите лицемери, манипулатори и политиканти на истата тема: Македонија НЕ е во фаза на „егеизација“, ниту Македонците во Републиката се „малцинство“ во однос на Македонците во светот или на Македонците од Егејскиот дел на Македонија низ светот! Македонија НЕ е „заложник на трагедијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, односно на еден дел од нацијата“, насилно прогонети од Егејскиот дел на Македонија! Посебно не може тоа прашање да биде дежурна тема за приватни политички и бизнис интереси на сега веќе лустрирани соработници на службите, кои речиси половина век вршеа раскол меѓу Македонците од Егејскиот дел на Македонија и Македонците во целина, а потекнуваат од иста кујна, со препознатлива политичка манипулација, која од 1944 година ништо за нив не стори, туку напротив „егејското прашање“ го држеше под тепих и го затвори, затоа што така сакаа Белград и Атина од 1912 година од окупацијата врз Македонија и геноцидот врз македонскиот народ!

Поврзани новости