Пренос на енергија до Западен Балкан и Украина преку Црно Море

by Фокус

Лидерите на Азербејџан, Грузија, Романија и Унгарија потпишаа договор за транспорт на чиста енергија преку подводен електричен кабел во Црното Море.

Договорот меѓу владите за стратешко партнерство во областа на развојот на енергијата и транспортот ќе ги поврзе двата брега на Црното Море и ќе може да транспортира електрична енергија во Молдавија, Западен Балкан и Украина, рече претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Букурешт.

Претседателот на ЕК рече дека овој проект ќе ги поврзе двата брега на Црното Море и пошироко со регионот на Каспиското Море и дигитално и енергетски и дека електричниот кабел под Црното Море нуди повеќе можности.

-Овој проект може да донесе значителни придобивки за Грузија. Тој може да ја претвори земјата во центар за електрична енергија и да ја интегрира на пазарот на електрична енергија на ЕУ. Кабелот под Црното Море може да пренесува електрична енергија до нашите соседи во Молдавија и Западен Балкан и секако до Украина. Ова ќе помогне во обновувањето на украинскиот енергетски систем и обновувањето на земјата – истакна Фон дер Лајен.

Договорот предвидува електричен кабел со должина од 1.100 километри и моќност од 1.000 мегавати да минува под Црното Море, од Азербејџан до Романија, како дел од напорите на ЕУ да ја замени енергијата што ја добиваше од Русија.

Поврзани новости