Со највисоки воено-државни почести, денеска на платото пред Владата на Република Северна Македонија, премиерот Зоран Заев го пречека неговиот косовски колега Албин Курти, кој ја предводи Владата на Република Косово која во полн состав пристигна во Скопје, по повод одржувањето на заедничката меѓувладина седница.
Заев и Курти, како што инфоримирата од владината прес-служба, се повлекоа на тет-а-тет средба во кабинетот на премиерот Зоран Заев, а министрите до почетокот на заедничката седница одржаа повеќе билатерални средби.
На заедничката меѓувладина седница, како што е најавено, меѓу другото, ќе бидат потпишани договори и меморандуми за инфраструктурното поврзување на двете земји за олеснување и унапредување на економската соработка и комуникација, како и други меморандуми и програми кои опфаќаат соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.
Заедничката седница на двете влади, се вели во соопштението од владината прес-служба, доаѓа како потврда за одличните пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово во насока надградување на заемните интереси на двете земји и за споделувањето на заедничките определби за поинтензивна регионална соработка.
Работниот дел од посетата на Владата на Република Косово на нашата земја ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Зоран Заев и Албин Курти.