МВР: Рашковски има дозвола од судот да го напушта домот за здравствени услуги

by fokus

Точно е дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, излегувал од својот дом иако издржува мерка куќен притвор. Од МВР за „Фокус“ појаснуваат дека Рашковски во одредени периоди го напуштил домот со дозвола на судот.

-Д.Р. има дозвола од Основниот кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот (освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот) Д.Р. ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д.Р. ја почитувал мерката која му е изречена, ни одговорија од МВР.

Вчера, неколку медиуми објавија фотографии од Рашковски, на кои се гледа како без полициска придружба оди по улица во населбата Аеродром.

„Фокус“ неодамна побара одговор од Обвинителството за тоа до каде е истрагата отворена против Рашковски, кој е осомничен за набавка на софтвер додека беше генерален секретар.

-Обвинител во рамките на истражната постапка ги презема сите неопходни дејствија за расчистување на случајот, се прибираат и анализираат докази и информации, издадени се низа наредби по кои се очекуваат постапувањата од страна на надлежните институции. По проучување на прибраниот материјал во рамките на предвидените законски рокови, обвинителот ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, ни одговорија од Обвинителството.

Валентина Вурмо

Поврзани новости