Членовите на собраниската Комисија за надворешни работи гласаа денешната седница на која се разгледува договорот за добрососедство со Бугарија да биде затворена за јавноста.
Седницата е затворена за јавност на барање на премиерот Зоран Заев поради тоа што договорот иако усогласен, не е финализиран.
На новинарите им беше дозволен пристап само на почетокот на седницата кога се гласаше за затворањето.
Пред четири дена министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров во интервју за агенцијата Ројтерс изјави дека Македонија и Бугарија го усогласиле текстот на договорот за добрососедство.
„Потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија ќе го зајакне нашиот кредибилитет, ќе покаже дека сме сериозни и дека сакаме да градиме пријателства во нашиот регион“, изјави Димитров.
Фото: СДК.МК