Музичарот Симеон Атанасов кој е едно од момчињата одгледани од Есма и Стево Теодосиевски, а до крајот на нејзиниот живот беше и нејзин менаџер, бара средба со премиерот Зоран Заев. Вели дека по четири години од смртта на Есма, не гледа оправдување зошто се распаѓа куќата на Теодосиевски, која според тестамент Есма и ја оставила на државата, односно на Министерството за култура, со надеж еден ден да стане музеј.
-Здружението ,,Есма и Стево Теодосиевски”, сите членови на ансамблот Теодосиевски, сите деца кои таа ги одгледа, започнавме со собирање на потписи, со цел да допре нашиот глас до премиерот Зоран Заев, и да не прими на состанок. Сакаме да го искажеме нашето незадоволство, но и да побараме одговорност бидејќи државата веќе четири години не се грижи за музејот на Есма и Стево. Министерството за култура е единствениот наследник и е должно да даде образложение – појаснува Атанасов.
Вели дека е крајно време време премиерот да реагира, а исто така и Министерството за култура како единствен наследник, бидејќи куќата секој ден се повеќе се распаѓа.
-Сите ние, децата кои беа згрижени од Есма и Стево Теодосиевски, сме работеле уште од најрана возраст без платени хонорари за да се изгради таа куќа, а сега нас никој ништо не не прашува! А, се е ограбено, однесено, почна да се распаѓа куќата, и многу ме боли тоа што државата не направи ништо, а поминаа четири години. Време е премиерот Заев да реагира, затоа што Владата, поточно Министерството за култура се тестаментални наследници – вели Симеон.
Околу тестаментот на Есма, веќе подолг период се води спор, бидејќи нејзини внуци од сестри и браќа не го признаваат. Во изјава за ,,Фокус” од пред три години, тие порачаа дека не се откажуваат од куќата и сметале дека тестаментот не е валиден. Аднан Реџепов, внук од брат на Есма, кој живее во Германија, тогаш порача дека семејството ќе си ги бара своите права.
Тој најавуваше и дека неговата тетка ќе добие надгробна плоча од која цела нација ќе се вчудоневиди, но откако помина подолг период, а гробот на Националната уметница стоеше запустен, државата и го среди гробното место. Околу тоа каде заврши урната на Стево Теодосиевски, која до смртта на Есма се чувала во куќата, во порцелански сад во неговата канцеларија, нема одговор. Симеон во повеќе наврати апелираше до МВР да го расчисти случајот, да открие каде е урната, но и да истражи каде е вредниот мебел кој исчезнал од домот на Теодосиевски.Тврдеше дека е извршен грабеж на државен имот, а за случајот никој не се интересирал.
-Мене ми е оставен аманетот, куќата да стане музеј. Јас не барам ниту богатство, ниту било какви материјални добра. Само сакам да го исполнам мојот аманет кон луѓето кои ме одгледаа и ми го трасираа патот во животот. Сакам да верувам дека премиерот ќе не прими на состанок, бидејќи Есма не го заслужи ова кое денес се случува, ниту како човек, ниту пак како уметник- ни изјави Атанасов.
Вики Клинчарова