Македонската Влада денеска организираше свечено отворање табла за проектот за изградба на четири автопати вредни 1,3 милијарди евра кај наплатната рампа Тетово – Гостивар, но премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиер Артан Груби не дозволија новинарите да поставуваат прашања иако проектот предизвика сомнежи во јавноста откако беа избрани фирмите за надзор.
На настанот освен споменати двајца, беа и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, американската амбасадорка Агелер и многу други.
Во говорите сите фалеа и заблагодаруваа еден на друг потенцирајќи колку е овој проект важен за државата.
Беше отворена табла на која имаше слика од автопат и бројот 8 кој го означува Коридорот 8.
Немаше никаков почеток на градежни работи, настанот помина без фрлање на прва лопата.
Веднаш потоа функционерите заминаа, не дозволувајќи новинарите да им се доближат и да постават прашања.
Овој проект предизвика голем број сомнежи во јавноста и го разгледува Обвинителството, откако државата го избра конзорциумот „ИРД Инженеринг“ за 22,3 милиони евра да врши надзорот на изградбата.
Сомнежите за можна корупција се појавија откако беше објавено дека фирмата „Електра солушн“ која е дел од конзорциумот досега не работела надзор, туку главна дејност ѝ била производство на долна облека.