Премиерот Зоран Заев заедно сo министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, денеска се сретна со претставници на Асоцијацијата на такси превозници.
Претставниците на асоцијацијата, во името на 53 такси компании ги истакнаа проблемите со кои се соочуваат во својата работа и побараа измени во постоечката законска регулатива и нејзино прилагодување на реалните состојби во такси превозот.
Од Владата велат дека премиерот покажал разбирање за нивната иницијатива и изразил добра волја и подготвеност за соработка. Предложил и насоки како да се излезе во пресрет на изнаоѓање разумно решение за решавање на проблемите на такси превозниците и да се подобрат условите за работа на такси компаниите.
-Претседателот на Владата ги повика и претставниците на асоцијацијата да земат активно учество преку постојана и интензивна комуникација за да придонесат со свои предлози во изработка на ефикасно и заедничко прифатливо решение, соопштуваат од Владата.