Новинарката и уредничка во Сител и Вечер, Ивона Талевска, која беше осудена за затајување данок, преку нејзините две фирми во периодот 2008-2015 година, свртела над 800 илјади евра, за која сума не платила целосно данок од над 50 илјади евра, за што беше осудена на условна казна, покажа истражувањето на СВЕДОК.
Ивона Талевска, како што е познато од пресудата и од обвинението по кое и се судеше во случајот „Тифани“, прикажувала како трошок на фирмите, во кои таа била основач и сопственик, без ниту еден вработен, дека се што купува за дома е за потребите на фирмите.
Според обвинението, кое е составен дел на пресудата, бидејќи Ивона Талевска призна вина па не се утврдува фактичка состојба, таа како сопственик и управител на „Смарт центар“ ДООЕЛ експорт-импорт – Скопје која постоела до 2012 година и агенцијата „Смарт“ која постои од 2011 наваму, заедно во периодот 2008 до 2015 година со намера таа и правните лица да избегнат плаќање даноци давала лажни податоци за фактите што се однесуваат за пресметување данок.
Ивона Талевска за наводните потреби на фирмите купила долна облека од 500 евра, облека во износ од 33.508 евра, очила, шминки за 1.009 евра, луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди и слично. Фирмите на Талевска не платиле даночни обврски во износ од 37.634 евра, а обвинетата не платила данок во износ од 16.924 евра, или се вкупно над 54.500 евра.
реку фирмата која е активна и денеска, Смарт Груп ДООЕЛ, Ивона Талевска заработила над 570 илјади евра во периодот од 2011 до 2015 година, период опфаен за истражување според објавените „бомби“.
Преку веќе згаснатата Смарт Центар ДООЕЛ Скопје, за периодот на испитување од 2008 до 2012 додека постоела остварила прилив од над 220 илјади евра, или вкупно, преку двете фирми на Талевска на сметката и легнале над 800 илјади евра.
Според пресудата на скопска единица, Ивона Талевска за затаениот данок ќе заврши две години во затвор, зад решетки, само доколку во наредните 4 години стори ново кривично дело. Во спротивно ќе помине само со условната казна. Ова беше одлуката на судијката Софија Лаличиќ, која и изрече условна осуда на Ивона Талевска за затајување на данок, а СЈО чека да ја добие писмено за да одлучи дали ќе се жали.