ПРЕКУ НОВИТЕ СОВЕТИ СКСМ ЌЕ ЈА ЈАКНЕ КОНКУРЕНТНОСТА НА КОМПАНИИТЕ

 Стопанската комора како “Комора на иднината“

by Fokus

Со конституирањето на четири нови совети завршува просецот на суштинска трансформација на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) наречен „Комора на иднината“ во пресрет на 100 – годишнината од нејзиното постоење.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и проектен менаџер за развој на Советите за „Фокус“ појаснува дека се анимирале неколку 100-тини нови бизнисмени и научни работници коишто ја прифатиле понудата да се придружат кон овие совети и на тој начин да помогнат на сите, на компаниите на Комората, и на Државата во градење на иднината.

Крајниот резултат треба да биде сосема нов концепт на високото и средното образование кое ќе формира кадри, потребни на бизнисот, кои ќе ги отворат процесите на дигитализација, индустриски дизајн, телекомуникации како и формирање на берза на трудот, доследно имплементирање на системот на дуално образование и подигнување на капацитетите на арбитражата, медијацијата и судот на честа.

Георгиева Јовевска вели дека реализирање на зацртаните заложби и афирмација на новите вредности имаат една цел-да се креираат нови услуги согласно потребите на компаниите.

-Со конституирањето на Советот за унапредување на индустриското производство и извозот, Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките и Советот за напредни технологии се вклучија неколку 100-тини нови бизнисмени и научни работници кои што треба да го спроведат до крај новиот концепт, заклучува Георгиева Јовевска.

ПРЕКУ ПРАКТИЧНА НАСТАВА СОЗДАВАМЕ ЛИДЕРИ

-Со овој концепт на функционирање на Советот за високо образование и стратешки истражувања му помагаме на стопанството и овој модел не е замена за високото формално образование, туку со него ќе се настојува преку практична настава да се создаваат лидери, да се зголемат вештините за водење на бизнис, појаснува за „Фокус“, Георгиева Јовевска

Таа додава дека за прв пат, ваквиот концепт ги вклучува и старт ап-ите кои ќе се поддржуваат не само преку учење на вештини туку и преку финансирање на добри идеи кои ќе бидат поврзани со форуми на инвеститори (преку финансирање од домашни и меѓународни институции).

-Оттука, со реализација на сите програмски содржини веруваме дека овој Совет ќе придонесе во зголемување на конкурентноста, ефикасноста, вработувањето и обезбедување поголем економски раст во Република Северна Македонија, додава појаснува за „Фокус“, Георгиева Јовевска.

ТРИ ПРОГРАМИ ЗА ВИСОКООБРАЗОВНИТЕ КАДРИ

За таа цел Стопанската комора, развива три Програми со посебни модули кои треба да ги реализираат зацртаните цели на Советот  согласно потребите на македонското стопанство за сите прашања поврзани со надградбата на знаења на високообразовните кадри:

  1. Клуб на менаџери-претприемништво и лидерство-со едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа на бизнис-лидери (почеток 9 декември 2021 година),
  2. Развој на мали и средни бизниси и старт ап бизниси-со едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Модул за развој на мали и средни бизниси како и Модул за развој на старт ап бизниси (почеток на 9 декември 2021 година со Модулот за развој на мали и средни бизниси, а почеток на крајот на јануари 2022 година со Модулот за страрт ап бизниси) и
  3. Институт за извоз-со едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа за продуцирање кадри за зголемување на извозот, со крајна цел формирање Институт за извоз (Изработка на студија за извоз и Платформа за извоз кои како активности ќе почнат од следната година и активности на Модулот за зголемување на вештините за извоз кои ќе започнат од 1 Ноември 2022 година).

НАДГРАДБА НА СТЕКНАТИТЕ ЗНАЕЊА ПРЕКУ ОБУКИ, СЕМИНАРИ, РАБОТИЛНИЦИ

-Советот за високо образование и стратешки истражувања се формираше заради ефикасно остварување на специфичните интереси на приватниот сектор во насока на унапредување на компетенциите и вештините на високообразовните кадри во согласност со потребите на бизнисот, појаснува за „Фокус“, Георгиева Јовевска .

Затоа, како што вели таа,  Советот во својата агенда на активности постави реализација на задачи поврзани со организирање и поттикнување соодветни облици за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните кадри, како и на другите стручни кадри и професионална надградба на стекнатите знаења преку организирање стручно оспособување – обуки, семинари, работилници и други начини на едукација.

-Советот преку соработката со домашните и странски институции има главна цел освен развој и промоција на едукативните настани во сите Програми одделно, да ја поттикнува имплементацијата на европските правила и стандарди и перманентното функционално образование и иновација на знаењата на високобразовните кадри со главна цел преку воспоставување Школата за продуцирање кадри за извоз да формира Институт за извоз, додава, Георгиева Јовевска.

КОИ СЕ БЕНЕФИТИТЕ ЗА СТОПАНСТВОТО ВО ЗЕМЈАВА?

По повод 100 годишниот јубилеј на Стопанската комора на Северна Македонија го стартувавме и овој Совет кој како што потенцирав се потпира на три столба, а оваа структура на модел на образование ги отсликува клучните фактори преку кои треба да се динамизира македонската економија, извозот, менаџирањето и малите, средни и старт-ап бизниси кои ќе бидат вклучени во извозната верига на големите компании, појаснува за „Фокус“, Георгиева Јовевска.

Таа додава дека преку споделување на искуствата на домашните и странските претприемачи ќе се оспособува кадарот во македонските компании за предизвиците што ги носи глобалната конкуреција и новите технологии.

-Ова е практична програма која вклучува и менторство, која во фокусот ќе ги има развојот на менаџерските вештини и корпоративните вредности на компаниите. Со тоа Комората ќе даде придонес за развој на најбитниот фактор за раст и успешна работа на компаниите, а тоа е човечкиот фактор, иновациите, и новите технологии, вели, Георгиева Јовевска.

 

ПРАКТИЧНИ ЗНАЕЊА ОД ИСКУСНИ ПРЕДАВАЧИ

-Во рамките на Советот за високо образование и стратешки истражувања, креиравме неколку Програми од кои со две стартуваме на 9 и 10 декември оваа година, со Програмата за страрт ап бизниси стартуваме од крајот на јануари 2022 година а со Школата за извоз започнуваме од месец ноември 2022 година, појаснува за „Фокус“, Георгиева Јовевска.

Така првите две, односно шестмесечната Школа за создавање Бизнис лидери започнува на 09 декември 2021 година а ќе трае до мај 2022 година. Станува збор за уникатна програма наменета за среден менаџмент од големи и средно големи компании, кои преку 7 модули ќе стекнат практични знаења и искуства споделени од 50-тина реномирани домашни и странски предавачи од бизнисот и науката.

Втората, шестмесечната Школа за развој на мали и средни бизниси исто така започнува на 09 декември 2021 година, а ќе трае до јуни 2022 година. И тука станува збор за уникатна програма а истата е наменета за виш менаџмент од мали и средни компании, кои преку 8 модули ќе стекнат практични знаења и искуства споделени од 30-тина реномирани домашни и странски предавачи од бизнисот и науката.

-Предавачи и членови на Програмските одбори во сите модули ќе бидат најуспешните менаџери и научни работници од нашата држава претставени во органите и телата на Комората, како и многу други успешни личности, пред се од бизнисот, кои зад себе оставаат и прикажуваат резултати во работењето.

 

Напорно работевме со претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања, д-р Глигор Бишев и со претставници од бизнис секторот, претставници од универзитетите и другите институции да ги направиме овие Програми, вели таа.

Георгиева Јовевска смета дека слушателите ќе бидат задоволни од предавачите и темите што ќе им бидат презентирани.

-Се потрудивме да донесеме квалитетни предавачи со големо искуство кои се дел од многу успешни компании и институции и кои на слушателите ќе им пренесуваат практични искуства и знаења.

 

Нашата определба е сите овие Програми да се надополнуваат, да се вклучуваат нови предавачи кои на слушателите ќе им презентираат најактуелни теми.

 

Ги покануваме сите заинтересирани компании да ги пријават своите кандидати и да бидат први слушатели на програмските содржини кои ветуваат квалитет, подвлекува Георгиева Јовевска.

Соња Танеска

Поврзани новости