Преку 3 суспензии до нов ДУП за ШИК „Јелак“: Колку квадрати покус ќе остане контроверзниот Дака?

Тетовскиот совет по третпат изгласа суспензија на ДУП-от што го опфаќа просторот на ШИК „Јелак“, додека не стане конечен веќе изгласаниот нов план, кој предвидува над 6 илјади квадратни метри помалку станбена и деловна површина, а плус 3.500 квадрати зеленило, како и училиште. Од Општина Тетово велат дека земјиштето е главно во државна сопственост, но дел го поседува и контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ - Дака. „Фокус“ веќе пишуваше кој е Дака и како делуваше во земјава преку офшор-фирма од Панама.

by Фокус

Советот на Општина Тетово по третпат изгласа суспензија на Деталниот урбанистички план кој го опфаќа местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“, каде предвидено е на простор од над 70 илјади квадрати да се градат дваесетина згради за домување и трговски центри, а дел од земјиштето го поседува контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака.

Како што е познато, овој ДУП беше донесен при крај на мандатот на градоначалничката од ДУИ Теута Арифи, кога мнозинството во општинскиот совет го имаа ДУИ и СДСМ, веднаш откако овие две партии по вторпат формираа централна влада. Но, веднаш по промената на локалната власт, односно кога нов градоначалник стана Биљал Касами, а неговата Беса направи мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, беше почната постапка за суспензија на планот.

Всушност, оваа трета суспензија доаѓа откако пред само 2 седмици Советот усвои нов ДУП за овој простор (блок 57А), по што почнува соодветна процедура со јавна анкета и уште неколку фази пред да биде испратен во Министерството за транспорт и врски за согласност, кои се неминовни чекори за новиот план да стапи на сила, т.е. да го замени стариот.

Мора да направиме споредба со претходниот и новиот ДУП, односно со стариот ДУП беа предвидени 34.494 квадратни метри станбена површина, додека со новиот 28.500 метри квадратни. Наместо 16.028 ќе има 15.800 квадратни метри деловни згради. И најважно, во претходниот ДУП немаше предвидено простор за зеленило и рекреација, а со новиот ќе има 3.591 квадратни метри – рече претседателот на Советот Бесар Дурмиши.

Според него, со суспензија се запира првичната намера да се прават голем број згради, но без потребните стандарди за зеленило, паркинг, училишта и слично. Инаку, за новиот ДУП гласаа советниците од мнозинството составено од 16 советници од Беса и ВМРО-ДПМНЕ, додека против немаше, туку 12 советници гласаа воздржано.

ПАРКОВИ, ПАРКИНГ, УЧИЛИШТЕ…

Непосредно пред општинскиот совет да изгласа нов ДУП, кој сега треба да ги мине другите законски етапи пред да стане конечен, поради што впрочем донесена е нова одлука за суспензија на стариот план, „Фокус“ се обрати до Општина Тетово, со прашање: во која фаза е процесот за суспензија на спорниот ДУП, дали е изработен стручен елаборат од страна на Комисијата за урбанизам, каков е одговорот од Министерството за транспорт и врски…?

Од таму добивме одговор дека Советот на Општина Тетово го суспендирала ДУП за урбан блок  57(57а ) првпат во април 2022 година, кога започнува и иницијативата за дополнување на нов ДУП. Поради краткиот временски период за донесување на нов ДУП, општинскиот Совет во арпил 2023 година донесе одлука за повторна делумна суспензија во траење од 6 месеци. Сега, се случи трета суснепзија.

Со предложениот нов ДУП за урбан блок 57(57а) во голема мера се запазува, односно се зема во предвид јавниот интерес со тоа што се планираат пошироки улици и тротоари, поголеми зелени површини и паркови, паркинг простори како и еден јавен објект, кој во иднина ќе биде наменет за детска градинка или училиште“, ни одговорија од Општина Тетово.

Од таму велат дека при планирање за нив како општина воопшто не е важно кој е сопственик на земјиштето, со тоа што посочуваат дека најголемиот дел од земјиштето во рамки на овој ДУП е во сопственост на РСМ. Сепак, тука влегува и просторот на некогашниот комбинат кој во голем дел го поседува Дака.

„БОМБИТЕ“ ОТКРИЈА ПОСРЕДНИК

Кога на самиот крај на 2021 година беше соопштено дека почнува постапка за суспендирање на ДУП-от за просторот на ШИК „Јелак“ во Tетово, пишувавме дека барем привремено се спречи црногорскиот бизнисмен Миоград Давидовиќ – Дака да изгради триесетина станбени и деловни објекти, откако преку офшор фирма од Панама стекна земјиште од околу 6 илјади квадратни метри.

Кој е црногорскиот бизнисмен што сакаше да гради „урбана џунгла“ во Тетово?

Имено, Дака стана актуелен во земјава по објавувањето на разговорот со Зоран Милески-Кичеец на средината на 2020 година. Двајцата ги запознал угледен белградски бизнисмен кон крајот на 2016 година, кога Дака одлучил да го ангажира Кичеец како посредник во деловни зафати во земјава, бидејќи, според зборовите на Дака, Кичеец му бил препорачан како „сериозен деловен човек од Македонија“.

Арно ама, Дака потоа јавно се пожали дека Кичеец не успеал да му заврши никаква работа. Единствено што сторил Кичеец, посочи Дака, е што му организирал состанок со поранешниот премиер Зоран Заев, пред кого ги изложил неговите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер на локација во Штип. Потоа, Заев го препратил кај тогашниот владин генсек Драги Рашковски…

Во разговорот што беше објавен на интернет меѓу Дака и Кичеец, се споменуваат 300.000 евра и 2.000 квадратни метри што бизнисменот требало да ги даде за реализација одредени бинис-интереси земјава. Во реакцијата по повод објавената „бомба“, Дака објаснува дека парите ги дал за ангажманот на Кичеец, а не за подмитување. Сепак, тој ништо не кажа за квадратите, ниту, пак, ги појасни плановите за другите акивности што ги споменува во снимениот разговор.

АРХИВА Како протече и што открива аудио-архивата на Кичеец?

СОГЛАСНОСТ ЗА ПРОДАЖБА

Иако тоа го нема во транскриптот објавен заедно со снимката, сепак, јасно се слуша како Дака пред Кичеец го споменува и АД Шумарско-индустрискиот комбинат „Јелак“ во Тетово. Според официјалните податоци, ШИК „Јелак“ е избришан со одлука на тетовскиот суд на почетокот на 2018 година по заклучена стечајна постапка. На почетокот на 2019 година, Владата донела одлука за давање согласност со продажба.

Притоа, согласноста се дава за продажба на деловни простории во сопственост на Фондот за здравство по цена од 27 милиони денари, во сопственост на Агенцијата за вработување по цена од 1,7 милиони денари и во сопственост на ЈП Македонски шуми по цена од 53 илјади денари. Оваа согласност се однесува на продажба на имот на останатите сопственици, меѓу кои спаѓа и „Јелак-Градба“.

Како што пишуваше „Фокус“, на продажба биле ставени идеални делови од вкупна површина од 17.335 квадрани метри на катастарска парцела 3039 во Катастарска општина Тетово со имотен лист број 102979. Според податоци од Катастарот на недвижности, „Јелак-Градба“ на Дака стекнал најголема површина од овој простор од скоро 5.968 квадратни метри. Остатокот, пак, го поседуваа УЈП, ФЗО, ПИОМ.

Дака во земјава формирал две компании преку офшор фирма од Панама, едната поседува над 5 илјади квадрати во Тетово

И јас да дознаам пред недела дена од (Драги) Рашковски, дека сега треба да вршат процена на ШИК Јелак“ после три години. Не ме зафркавај Зоране (Милески). Ме прашуваш зошто сум лут? После 3 години, кога беше ти, Здравко и Перовски, ми ветивте за 7 дена ќе ми кажеше колку чини остатокот од ШИК „Јелак“, дали е така? Точно или не е точно? Дали ми ветивте?“, го прашува Дака Кичеец, како што може да се чуе во објавената снимка.

ОФШОР-ФИРМА ОД ПАНАМА

Исто така, тогаш пишувавме дека Дака се поврзува со две компании во земјава, од кои една, според Централниот регистар, е „Јелак Градба“ формирана во 2016 година со седиште во Тетово од страна од панамската „Адастра Груп“. Само ден по формирањето на старо-новата влада на СДСМ и ДУИ, пак, во Општина Тетово беше усвоен ДУП-от кој предвидува изградба на 27 станбени згради високи до 7 ката и четири големи трговски единици на имотот на „Шик Јелак“.

Сопственоста на дотичниот господин (Давидовиќ) во „Шик Јелак“ е остварена 2014 – 2015 година и слично. Урбанистичкиот план е вратен 3-4 пати како што се и другите со сите забелешки од страна на Министерството за транспорт и врски и на крајот на февруари оваа година е дадена согласноста за урбанистичкиот план. И на крајот на денот, Тетово нека се гради, нека се шири во периферијата, аман, доста е со центарот на градот – рече тогаш Заев.

Наспроти тоа, опозицијата реагираше дека симптоматично е тоа што Министерството за транспорт и врски за само 7 дена дало согласност за ДУП-от со кој се предвидува, како што истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, урбана џунгла во Тетово од 230.000 метри квадратни. Според него, со овој план му овозможува на инеститорот заработка од 200 милиони евра.

Дака е контроверзен црногорски бизнисмен и еден од главните финансиери на политичките и општествени структури на Балканот што работат против евроатланската интеграција на целокупниот регион, вклучително и Македонија. Целата негова бизнис кариера е поврзана со соработка со структури кои му овозможуваат добри профити кои потоа ги инвестира во подривање на аспирациите на земјите на Балканот за интеграција во НАТО и ЕУ“ – обвини Николоски.

КОЈ Е ДАКА?

Давидовиќ е црногорски државјанин, но важи за истакнат претставник на српската етничка заедница. Како што пишуваат локалните медиуми, тој бил началник на државна безбедност во Никшиќ, но по југословенската граѓанска војна преминува во претприемничко-политичките води. За време на 1997 година, бил уапсен за наводна проневера во трговијата со Тутунскиот комбинат, меѓутоа судење не се одржа, бидејќи Момир Булатовиќ го аболицира во последните денови од неговиот претседателски мандат.

По неколкугодишна пасивност, Дака во 2003 година ја презема „Железарницата“ во Никшиќ, но подоцна се повлекува и преку неговата „Нексан“ се сврти кон трговијата со нафтени деривати, градежништвото, производството на алкохолни пијалоци. Во 2012 година, Давидовиќ се пресели во Белград и живее во хотелот „Краун Плаза“, каде на крајот на 2019 година беше ранет, по што го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ дека е налогодавач.

За блискоста со српската црква во Црна Гора, говори фактот што покојниот митрополит Амфилохие му го додели Орденот на Светиот крал Милутин во 2015 година, додека воедно бил главен финансиер на обновата на манастирот Острог. Во екот на аферата „државен удар“ во Црна Гора, пак, Давидовиќ беше означен како финансиер на Демократскиот фронт. Сепак, тој ги негираше обвинувањата.

Од неодамна, тој делува во политиката преку конзервативното и проруско движење „Народни покрет“, кое учествуваше на локалните избори во Ниќшиќ и успеа да влезе во локалниот совет. Првата работа што ја кажа Дака при основањето на партијата е дека ќе се залага за Законот за слобода на вероисповед, кој всушност ја натера српската црква да заземе поактивна улога во политичкиот живот на Црна Гора, што резултираше и со првите политички промени во оваа држава.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости